Во ноќниот клуб Миднајт вчеравечер грст роденденски честитки беа упатени кон Марко Марк и Александра Јовановска кои пред три години официјално стиснаа плеј промовирајќи ја во македонскиот етер новата емисија „Стисни плеј“ чија основна цел е афирмација на македонската музика. Во весел амбиент, надополнет со музичките ноти на ретро хитовите од 1990 – тите и настапот на групата Eye Cue, во присуство на голем број музички естрадни ѕвезди, Стисни Плеј, ги дувна трите свеќи. Истите не беа симбол само на три години постоење, туку и три успешни години бранување на телевизискиот етер со многу музика, хитови, видео записи, интервјуа, настани, концерти, како од наши изведувачи, така и од музичарите на светската сцена.
И двајцата велат дека на почетокот биле мошне скептични, дали „Стисни Плеј“ ќе успее да дотурка и до една година постоење, со оглед на дадените ситуации со кои се соочувале и условите за работа во малото студио на почетокот, кое сега прерасна во една голема сцена.
„Заокруживме не една туку три години постоење на што сум навистина горда и среќна. Овие три години ни значат многу, затоа што чувствуваме дека правиме нешто позитивно и придонесуваме за промоција на македонската музика. Тоа го препознаа многу други луѓе, добивме неверојатна поддршка од сите и токму заради нив решивме преку оваа забава да им се заблагодариме на сите оние кои застанаа зад нас, кои веруваа во нас но и уште еднаш да ја собереме нашата естрада на едно место“, ни кажа Александра, која заедно со Марко го најавија и стартот на новата сезона на емисијата „Хит на месецот“, која ќе биде надополнета со неколку интересни новини во поглед на дизајнот но и содржини.
За Марко овие три години се заокружување на заедничкиот труд на „Стисни Плеј“, кој како една убава гранка се развива и станува вистинска провокација за пејачите на македонската сцена да бидат постојано со нив и да ги известуваат и промовираат своите нови хитови и видеа.
За себе велат дека одлично соработуваат, а Александра откри дека не сака друг партнер-колега освен Марко.
„Многу добро се поклопивме сиве овие години и некако си ги знаеме маните, доблестите, каде грешиме и одлично се надополнуваме бидејќи и двајцата ја сакаме многу работата, посветени сме навистина. Мозоците буквално не ни спијат бидејќи сакаме се повеќе да креираме и создаваме интересни содржини и да пласираме супер музички вести и на тој начин да ја задоволиме гладта на македонската публика која редовно не следи и на чија поддршка сме неизмерно благодарни“, ни кажа Марко.
Уредничката Мери Попова, која е главен ментор на ова позитивно распеано дуо е мошне задоволна од нивната работа и вели дека има комплетна доверба во Александра и Марко затоа што според неа, тие се вистински професионалци кои се максимално посветени на работата која ја извршуваат со огромна љубов и желба.
„Три години, сепак за наши услови се успех и јас навистина од овој аспект се трудев да им помогнам колку можам повеќе за емисијата да го добие оној карактер и онаа димензија која што ја заслужува, бидејќи сметам дека е единствена емисија од овој тип во медиумскиот простор, која што како свој таргет ја има популарната македонска музика. Им посакувам уште многу долги години да опстојат на медиумското поле“, вели Мери Попова, која додаде дека после Нова Година за гледачите и обожавателите на Стисни Плеј ќе има нови изненадувања .