Џулијан Мур, Еди Редмејн, Патриша Аркет и Џеј Кеј Симонс оддржаа неверојатни говори примајќи ги заслужените признанија на годинешните The Screen Actors Guild или SAG наградите во Лос Анџелес.
Според досегашната пракса, овие награди се само увертира на Оскарите што треба да се одржат на 22 - ри следниот месец.
Тие се дефинитивно едни од најпочитуваните и најважни награди во шоу – бизнисот што се доделуваат секоја година и многу често се вистински предзнак за она што ќе се случува на Оскарите.
Што се однесува до модата, сосема вообичаено, црвениот килим го исполнија светските актерски диви во свечени колоритни тоалети, но особено впечатлив беше моментов што голем дел од нив се одлучија за костими.
Совршена жена во машки костим беше секогаш прекрасната Џулија Робертс која за манифестацијата одбра црн комбинезон со горен дел што неодоливо наликуваше на костим. Таа му даде шармантна свечена нота со свилените делови околу јаката, градите и џебовите. Таа изненади и со малку поинаква, црвена боја на косата што дополнително ја нагласи нејзината безвременска убавина.
Вистинска убавица во црно палто и транспарентен дел одоздола беше талентираната Ема Стоун, но по се изгледа ѝ направи мал проблем на Наоми Вотс, кога таа на сцената се сопна од предолгиот фустан на младата актерка.
Црната боја како најгламурозна ја одбра и новата мајка и миленичка на Холивуд, Розамунд Пајк, која овој пат се одлучи за раскошна и впечатлива црна тоалета со пократок преден дел. Иако таа изгледаше навистина раскошно, широкиот крој и слободниот пад на материјалот на тоалетата оставија впечаток како таа сѐ уште да е бремена.
Вистинска дама по кој знае кој пат беше единствената Мерил Стрип која за оваа пригода одбра елегантен и едноставен црн фустан до колена и истиот го комбинираше со уникатни златни детали.
Во колоритни изданија пак се појавија бремената Кира Најтли која како и секогаш, беше неодолива во виолетова тоалета од колекцијата на Ердем, а прекрасна во виолетово беше и сопругата на Метју Меконахи, Камила Алвес.
Иако многумина го критикуваа изборот на тоалета на Лупита Нјонго, мора да признаеме дека Ели Сааб и овојпат завршил одлична работа. Можеби на моменти изгледаше како фустанот да ја носи неа, благодарение на многуте црни пруги врз флоралниот принт, но сепак таа изгледаше уникатно на црвениот килим.
Жешка дива на црвениот килим беше раскошната Софија Вергара која одбра тоалета во интензивна црвена боја на едно рамо, што во комбинација со нејзината прекрасната насмевка и шармантен вереник беше полн погодок.
Вистинско изненадување и една од највпечатливите вечерта дефинитивно беше актерката Џенифер Анистон која повторно си замина дома без ниту една награда. Таа изгледаше неверојатно во совршениот златен фустан со ултра длабоко деколте од ресортот на одличниот Галијано. Фустанот таа го комбинираше со златен накит и нејзината препознатлива фризура и шминка.
Што се однесува до наградите, за најдобар филм беше прогласен Birdman, за најдобар машки актер Еди Редмејн за улогата во The Theory of Everything, додека најдобрата женска улога и припадна на одличната Џулијан Мур за улогата во Still Alice.
За најдобар машки актер во споредна улога беше прогласен Џеј Кеј Симонс за улогата во Whiplash, додека женската верзија на наградата отиде во рацете на Патриша Аркет за Boyhood.