Дамите 60+ владеат на модните недели

26 февруари 2020

Февруари е месец на четирите модни недели во Њујорк, Лондон, Милано и Париз. Оваа последнава е во тек, а „Диор“ беше првиот од познатите брендови што ги претстави новите парчиња.

Сепак, она што ќе биде во фокус на овој текст се гостите и тоа дамите кои чекорат во седмата деценија од животот.

Тие со својот изглед, модни комбинации и енергија оставаат голем впечаток, па не можеа да поминат незабележано. 

Погледнете:

Бенедета Барзини на ревија на „Гучи“

Бенедета Барзини е поранешна италијанска актерка и модел. Некогаш ги красеше насловните страници на најпознатите модни магазини, помеѓу кои и „Вог“. Денес има 76 години и сè уште го привлекува вниманието на модните љубопитци. На ревијата на „Гучи“ се појави во еклектична комбинација, каква и асоцира на модниот бренд, а покажа дека и во осмата деценија умее совршено да се забавува со модата.

 

Бетан Хардисон на ревија на „Гучи“

На истата ревија присуствуваше и 77-годишната Бетан. Таа е една од првите црни модели на модната сцена, која кариерата ја започнува во раните 70-ти. Хардисон се одлучи исто така за комбинација на принтови, па долгиот фустан го искомбинира со чизми со животински принт, на висока потпетица и одлично ѝ прилега. Изгледа актуелно, тренди.

 

Бјанка Џегер на ревија на „Диор“

Бјанка Џегер е вистинска убавица и на 74 години. На ревијата на „Диор“ се појави во долг фустан со ревери и карнер во долниот дел кој го искомбинира со чизми до глужд во неутрална нијанса, на потпетица. Со модните додатоци го засили модниот впечаток и покажа дека и во осмата деценија изгледа како вистинска дама, како и тоа дека бастумот воопшто не е пречка за да се чувствувате и изгледате фантастично.

 

Мари Нацуки на ревија на „Барбери“

Јапонската актерка, танчарка и пејачка се појави на ревијата на британската модна куќа „Барбери“ во фантастична монохроматска комбинација. Таа покажа дека и во седмата деценија може да се носи кожа и тоа да изгледа одлично. Нацуки се појави во долг мантил со кожени делови, кој притоа има и нагласени ракави, а го искомбинира со црни чизми до глужд со висока потпетица. Модните детали само покажаа дека доколку умеете нешто да носите, годините воопшто не се тема.

 

Марина Чикоња на ревија на „Гучи“

Италијанската продуцентка и фотографка Марина Чикоња (85) беше исто така меѓу присутните на последнта ревија на „Гучи“. Таа пак, покажа дека класичниот моден израз, надополнет со нежни модни додатоци е нешто што секогаш ќе биде „ин“. Многумина по својата појава ги потсети на Кетрин Денев, но секако она што ги спојува овие две дами е префинетоста и во модниот израз.

 

Меј Маск на ревија на „Sally LaPointe“

Меј Маск ѝ е добро позната на светската јавност. Таа и во осмата деценија во животот (има 71 година) сè уште е активна како модел и изгледа фантастично. Од нејзиниот пример се гледа дека интензивните бои не се нешто од што треба да се лишите во зрелото доба. Со парчиња кои не се претесни и лежерно паѓаат на вашето тело, ќе изгледате софистицирано, а боите ќе помогнат да бидете тренди и впечатливи. Изгледа одлично, зар не?

 

Нати Абаскал на ревија на „Етро“

Некогашниот шпански модел Нати Абаскал (76) присуствуваше на ревијата на „Ботега Венета“, појавувајќи се во романтично, а сепак дамско издание. Имено, бел бохо фустан со широк ремен, високи чизми во бела нијанса и наметка со етно мотиви е комбинација која изгледа добро на дами од различна возраст, а Нати само го потврди тоа.

 

Сандра Вест и Џеки Адамс на ревија на „Викторија Бекам“

На последната ревија на Викторија Бекам присуствуваа и нејзината мајка Џеки Адамс (72) и мајката на Дејвид Бекам, Сандра Вест (71), кои како да се договарале околу стајлингот. Имено, и двете се појавија во трендовски комбинации - одела, кои ги искомбинираа со елегантни чевли и нежни бели кошули и изгледаат одлично. Спој на класика и актуелен тренд.

 

Сигурни Вивер на ревија на „Ботега Венета“

Седумдесетгодишната Сигурни Вивер беше гостинка на ревијата на „Ботега Венета“, а се одлучи за класични комбинации во машки крој. Широка бела кошула во комбинација со црни класични панталони. На тоа додаде широк мантил, исто така во машки крој и покажа дека за класичен моден израз секогаш е вистинско време и вистинска пригода.

 

Ванеса Редгрејв и Џоли Ричардсон на ревија на „Роксанда“

На ревијата на дизајнерката Роксанда Илинчиќ, меѓу присутните беа и актерката Ванеса Регрејв (83) која дојде во придружба на Џоли Ричардсон (55). Редгрејв се појави во тренди крзнен капут во пастелносина нијанса кој го искомбинира со бели панталони и рамни обувки, како и чанта со принт. Иако најмлада во оваа група, сепак вреди да се спомене и одличниот стајлинг на Ричардсон пак.Таа носи фантастична женствена комбинација во црвени и розови нијанси.

 

Објавено:
26 февруари 2020
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
1.206 пати