Оваа прекрасна дама има повеќе од 70 години и секој ден докажува дека тие се навистина само бројка. Стилот на Колин Хајдеман е дефинитивно неприкосновен кога станува збор за модата над 50, иако многу често можеме да ја видиме во шик парчиња што ги преферираат младите девојки.
Неодамна таа беше дел од фотосесија за магазинот Burst во која можевме да ја видиме во различни комбинации кои неодоливо ја повикуваат пролетта.
Откако се појави, односно ја откри модниот блогер Ари Сет Коен од блогот Advanced Style, таа за кратко време стана вистинска модна икона и беше ангажирана од голем број магазини, а потпиша и договор со модната агенција Next Models.
Фотографиите таа ги објави на социјалната мрежа Инстаграм, каде има голем број следбеници, особено дами кои се восхитуваат на нејзиниот изглед и комбинациите што секјдневно ги прави.
Покрај фантастичните фотографии, она со што плени оваа дама е нејзиното чувство за забава, хуморот, оптимизмот и позитивната енергија која фотографите ја обожаваат.
Таа постојано ги потсетува дамите дека забавата кога се стилските комбинации во прашање никогаш не завршува, без разлика колку години и да имате.
Напротив, и со последната фотосесија таа докажува дека секоја дама може да изгледа убаво во било кое парче ако знае како да го носи, а тоа секогаш да биде со насмевка.
Таа ќе каже мотото што ја води низ животот е „Ако не сега, тогаш кога?“ и дека треба да престанеме да го чекаме вистинскиот момент за да се случи нешто.
Ако воопшто помисливте да се откажете од стилските комбинации кога ќе наполните 50, тогаш ова се вистинските фотографии што ќе ве разубедат.
И секако, истите се одлична инспирација за вашите пролетни комбинации што едвај го чекаат светлото на денот.
Фото: Ari Seth Cohen, Bust Magazine