Во една од видео сериите на Вог, „Go Ask Anna“, уредничката на престижниот моден магазин говори за стилот на девојките Кардашијан, за тоа како не треба да носите хеланки, но и за тоа која е првата грешка што луѓето ја прават кога се дотеруваат за на интервју.
Таа вели дека многу често се случува во интервју за Вог луѓето да дојдат облечени во нови алишта што воопшто не ги отсликуваат нив, но и дека на крајот облеката не е воопшто важна колку човекот што ќе биде најмен за позицијата.
Винтур вели дека облеката што ја носите треба да раскаже за она како вие се гледате себеси, бидејќи без оглед со кого разговарате, морате да се сетите дека луѓето „не ја вработуваат вашата облека“.
Авторката на една од најпродаваните книги за менаџмент, Сузи Велш вели дека облеката што ја носите може да има значајно влијание на интервјуто за работа.
„Облеката речиси секогаш ги искажува нашите чувства. За време на значајно интервју треба секогаш добро да се чувствувате, па така внимателно одберете во што ќе се појавите“, изјави таа во едно гостување.
Пред да одлучите во што ќе се појавите на интервјуто, таа вели дека треба да направите истражување за компанијата за да добиете чувство за нивната култура и да бидете сигурни дека нема да погрешите.
„Познавам студент од Стенфорд кој седеше на паркиралиштето на една компанија ден пред да оди на интервју за да види како се облекуваат вработените што излегуваа од зградата. Тој навистина ја сакаше таа работа“, вели писателката.
Инфо: Elle.hr