Црната боја како основа на стилот

28 ноември 2014

На Хрватската модна сцена веќе неколку години по ред гледаме креативци кои постојано ја афирмираат црната боја. Нивните комбинации се мошне инспиративни, уникатни и кул, а нивниот секојдневен стил привлекува внимание каде и да се појават. Младите реномирани дизајнери, фотографи, шминкери, модни агенти и уметници за онлајн сајтот fashion.hr, откриваат зошто и остануваат верни на црната боја.

Модната дизајнерка Оги Антунац вели дека најубаво, најкомотно и најдобро се чувствува кога носи црна боја. За неа црната боја е синоним на сигурност и е неизбежен дел од секојдневието.

Нејзиниот колега, дизајнерот Мануел Малигец вели дека според него црната боја е најмоќниот тон, и дека кога ја има на себе, чувствува дека има супер моќи кои му помагаат во креативното изразување и творење.

Дизајнерката Катарина Смокиќ која твори под псевдонимот OBEKEI, откри дека и покрај фактот што се занимава со мода и креирање, смета дека добро скроено модно парче, најдобро изгледа во црна варијанта. Затоа, креаторката преферира црни комбинации, но за да ја разигра темната монотонија препорачува комбинирање на накит, модни додатоци, чанти, чевли и впечатлива шминка.

Валерија Церовец, студентка на академијата за ликовни уметности вели дека црната боја за неа значи чиста идеја, одлична основа, среќа и слобода во поглед на изразување.

Мake – up артистката Ивана Билаџија – Били, пак додева дека во црната боја се заљубила уште во средношколските денови и обожава да ја комбинира со други нијанси и текстури за постигнување на што поефективна шминка. Според неа црниот тон одлично се согласува со сите стилови не само во креирањето на секојдневните визии, но и кога станува збор за сценски изведби.

За модната агентка Тихана Харапин Залепугин црната боја е единство на сите светли и темни нијанси. Таа смета дека е моќна, елегантна, енергична и сигурен избор во креирањето на различни модни аутфити. Залепугин додава дека луѓето треба да знаат да ја носат, бидејќи во суштина црната ДНК е мошне едноставна.

Дује Коџоман, кој работи како дизајнер и илустратор, мисли дека одговорот на клучното прашање околу изборот на црната боја е дека таа е најкомпатибилна (не)боја. Она што него особено му се допаѓа е што во пакет со црната боја доаѓаат и необичните и несекојдневни кроеви кои создаваат баланс и ненаметлив изглед .

Дизајнерот Силвио Ивкиќ открива дека носи црна боја затоа што таа најмногу одговара на неговиот сензибилитет и карактер. Тој ја сака мистичноста и суптилноста и смета дека со комбинирање на црните тонови го постигнува посакуваниот ефект.

Модниот фотограф, Јуре Перишиќ вели дека кога носи црно се чувствува најудобно и најубаво. Омилени му се црно – белите фотографски кадри, бидејќи рефлектираат посебна енергија и моќ на амбиентот, но доловуваат и поинаква визуелна слика на моделот кој застанува пред објективот. На прашањето зошто црната боја е толку обожавана, тој секогаш ја наведува познатата изјава на Ен Демулеместер, која гласи:

„Black is not sad. Bright colors are what depresses me. They’re so…empty. Black is poetic. How do you imagine a poet? In a bright yellow jacket? Probably not.“

За крај, блогерката Бланка Баре,вели дека црната е една ако не и единствена боја која е најприкладна за комбинирање и дека го олеснува изборот во однос на купувањето. Според неа, црниот тон е сигурна варијанта и носејќи го никогаш не прави модни грешки.

Објавено:
28 ноември 2014
Категорија: 
Тренд