Комбинации на италијански мажи што посакуваме да ги видиме на нашите момчиња!

28 јуни 2014

И додека нам ни е проблем да ги натераме момчињата да стават марамче со точки во палтото или пак чевлите да ги комбинираат со чорапи со дезен, италијанските мажи веќе со години наназад се вистински професионалци во тоа!

Неколку минути, заборавете на сите модни недели што се оддржуваат во моментов и на сите нови колекции на светските дизајнери и погледнете што се случуваше изминатите неколку дена во Фиренца. Токму таму, се одржа еден од најпрестижните саеми за машка мода Pitti Uomo на кој се собраа стилските мажи од сите краеви на Италија и на целиот свет му оддржаа вистинска модна лекција.

Вкупно четири дена, оние што имаа можност да се најдат во Фиренца, уживаа во безброј згодни италијански мажи што секоја година модата ја носат на едно повисоко ниво и дефинитивно диктираат трендови што се копираат низ сите краишта од светот.

Кога говориме за годинешните трендови за мажи прикажани на Pitti Uomo, едно е сигурно – синиот костим е најспосакуваното парче на сезоната! Токму таму, низ магичните и шармантни улици на Фиренца, можевме да ги видиме во сите нијанси, форми, кроеви и должини (на панталоните).

Особено интересни беа сините костими со точкаст принт кои се чини дека италијанските мажи единствено знаат да ги износат и да изгледаат неверојатно секси во нив. Темно сината боја е дефинитивно нивната најомилена за сезоната, а изгледа подеднакво добро на секој маж (барем на Италијанците).

Она што особено фасцинира е нивното неверојатно чувство за вистинскиот избор и комбинации на модните додатоци што знаеме дека живот значат. Па така, доколку ви треба инспирација, сега имате и каде да ја пронајдете.

Воопшто не плашете се панталоните од костимот да ви бидат до глуждот, чевлите да ги облечете без чорапи (иако веруваме дека сметате дека тоа е криминално дело), да ставите цвет во впечатлива боја на јаката од костимот, наместо вратоврска да ставите свилена марама, да си набавите торбичка со дезен наместо постојаните црни и најважно од сѐ, да ги смените боите на облеката по кои сите ве препознаваат целиот живот.

Со тоа, дефинитивно ќе оставите огромен впечаток каде и да се појавите, а вашата девојка дефинитивно ќе биде пресреќна за промените (секако, ако не претерате).

Уште од вечерва, обидете се да почнете да додавате по малку од италијанскиот моден „зачин“ во вашите комбинации на што ви гарантираме дека никој нема да остане рамнодушен.

Во продолжение, инспирирајте се од најстилските италијански комбинации на Pitti Uomo, а на девојките им посакуваме пријатна глетка.

Godetevi alla bellissima galleria fotografica!

Објавено:
28 јуни 2014
Категорија: 
Тренд