Иако трендовите се менуваат секоја сезона, машкиот капут останува класика. Без разлика дали сте љубители на кусо, долго, волнено или кожено палто, во машкиот плакар задолжително мора да има и еден елегантен капут со совршен крој.
Како совршен пример за ваков капут без двоумење може да го споменеме Crombie капутот од истоимената, ценета британска компанија. Истиот може да го опишеме како најубавиот машки капут на светот, со крој што едноставно остава без здив и го прави секој маж да изгледа неверојатно секси во него.
Капутот го има во повеќе бои и најчесто со една должина над колената, и истиот е омилен на голем број познати личности. Па така, капутот стана заштитен знак на The Beatles, британската монархија и последно, на Дејвид Бекам.
Оваа сезона, слични интерпретации на овој капут можевме да видиме во колекциите на Баленсијага и Прада.
Она што е интересно, сите постојани клиенти на компанијата што сакаат да носат капут по мерка, мора да поминат низ сите фази на создавање на палтото со специјален кројач.
Првата фаза е одбирањето на квалитетен материјал, што најчесто е кашмир или 100 % волна. Откако тоа ќе се заврши, кројачот го прашува клиентот за каква намена му е капутот, па потоа заедно го одбираат стилот на истиот.
Бојата секако е избор на клиентот, па дури и самите копчиња и бојата и распоредот на истите. Откако сето тоа ќе го избере клиентот, се земаат специјални мерки од него и тоа до совршеност, па дури и се гледа како клиентот стои или оди вообичаено, за да може капутот слободно да му паѓа по линијата на телото.
За изработка на ваквото палто потребни се цели шест недели. Истото никогаш не излегува од мода, без разлика на модните трендови.
Затоа момци, побрзајте и набавете си еден ваков, безвременски капут.