Нова и сосема свежа ера на фармерките со низок струк!

26 септември 2014

Лондонската „кралица“ на џинсот Дона Ида Торнтон, која претходно беше позната како огромна обожавателка на фармерките со висок струк, за следната сезона најави новости кај нејзиниот бренд, меѓу која и една што особено не заинтригира.

Како што и самата најави, на барање на нејзините клиенти, многу наскоро таа може да лансира колекција на фармерки со низок струк која би го најавила големото враќање на овој тренд.

„Овие денови, ние дефинитивно сме сведоци на културолошка промена во која сите, сѐ повеќе се фокусирани на здравјето, многу повеќе отколку претходно. Во модата, сѐ повеќе можеме да видиме атлетски градени тела кај девојките кои секогаш се трудат да ја одржат добрата физичка форма. Денеска, девојките сакаат да се облекуваат спортски и да го истакнат прекрасното тело што постојано го надоградуваат. Во нивните спортски комбинации, секогаш, задолжително има фармерки и некоја маичка или блузичка. Фармерките со низок струк ќе им понудат неверојатна удобност, со оглед на тоа што истите овојпат ќе бидат малку поинаку направени. Истите нема да бидат многу тесни и задниот дел ќе им биде повисок што ќе овозможи и подобра подлога на половината“, вели Торнтон.

Во однос на приказните дека тесните фармерки многу наскоро ќе излезат од мода, таа вели дека продажбата на истите низ нејзините продавници, воопшто не се променила.

„Нашата продажба на тесните фармерки сѐ уште изнесува околу 80 проценти , со тоа што ние имаме многу нови форми и облици на таквите фармерки. Нивната форма дефинитивно доживува експанзија и токму заради тоа, не ни се намалува ниту продажбата. Кејт Мос сѐ уште е, и ќе остане модната икона што најдобро знае да ги износи фармерките на сосема нов и свеж начин“, заклучува Ида.

Објавено:
26 септември 2014
Категорија: 
Тренд