Од понеделник до петок-на работа со стил

22 август 2014

Честопати зборуваме за тоа дека деловниот дрес код не мора секогаш да значи отсуство на креативност и махинално одбирање на деловните комбинации, напротив вашиот „бизнис“ плакар може да биде дури и дополнителна инспирација за убав работен ден.

Но, инспирацијата е уште поголема кога ги следи практичните примери на успешни жени во различни професии, а сепак далеку од јавниот живот. Во ваков случај, жените од нашето секојдневие полесно се поистоветуваат со оние со сличен „деловен профил“ како нивниот, односно се на иста работна позиција, негуваат близок деловен стил итн.

Во продолжение ве советуваме како во различните работни денови од неделата, секогаш да изгледате соодветно, а сепак урбано облечени, според примерот на неколку деловни дами.

 

Рок романтичарка во понеделник

Црно-белата комбинација е секогаш сигурен избор. Импровизацијата единствено може да се сведе на комбинацијата на различни стилови. Во случајов, романтичното бело фустанче со тантела е спарено со кожена мото јакна.

 

Вторник резервиран за спортска елеганција

Удобноста и практичноста на работното место се секогаш приоритет, особено ако често се движите. Црната маичка со прерамки изработена од лесен материјал може соодветно да ја вклопите во голем број варијанти. Во случајов, сосема успешно е комбинирана со здолниште во светло зелена боја со странични патенти како впечатлив детаљ, чевли со ниска и дебела потпетица како и торба која ќе ги собере сите неопходни предмети на една деловна жена.

 

Нежно розова среда

Во средината на работната недела покажете ја и вашата нежна, женствена страна. Одберете здолниште со висок струк во А крој обоено во бледо розова боја. Направете контраст со црно сако и црни чевли, а финиширајте со футуристички накит.

 

Класичен четврок

Класичниот изглед е најчест избор на деловните жени. Но, дури и класиката може да добие модерен и урбан предзнак со соодветна комбинација на парчињата и правилниот избор на модни додатоци. Струкирано сако, бело здолниште со должина под колената и црна чанта плико и спремни сте за нови професионални предизвици.

 

Деловна дама за крај на работната недела - петок

За крајот на работната недела изберете стајлинг кој паралелно ќе биде соодветен и за во канцеларија, но и за дневна викенд забава по завршувањето на работното време и почеток на викендот. Одберете слоевита комбинација која ќе ги спои класичната бела кошула и женственото здолнижте кое ја следи линијата на женската силуета.  Надополнете со бела плико чанта, очила за сонце во кружна форма и чизми до глужд.

 

 

Објавено:
22 август 2014
Категорија: 
Тренд