Амблемите кои во минатото беа симбол, однос семеен грб на кралските семејства и луѓето гордо ги носеа прикачени на облеката се чини дека повторно ќе го вратат изгубениот сјај. Дизајнерите за претстојната сезона решија на своите клиенти да им дадат титули на витези и кралеви, па своите модни парчиња ги збогатија со уникатни амблеми како симбол на едно изгубено време и традиција.
Во почесниот круг на модни куќи кои решија да им го вратат стариот сјај на кралските амблеми беа модните куќи на Кристијан Диор и Виктор и Ролф. Креативните тимови на брендовите ги аплицираа витешките декорации во своите летни парчиња, а на оваа тенденција се надоврзаа модните куќи Vfiles, DKNY, Мери Катранцу и Трусарди на кои пак кралските знакови им послужија како модни детали во дизајнирањето на зимските колекции.
Раф Симонс изјави дека дел од парчињата за претстојната сезона потсетуваат на кадетските школски униформи за кои посочи дека никогаш не излегуваат од мода, но потврди дека дел од парчињата добиле вистинска трансформација, а додавањето на амблемите им дава нота на елеганција бидејќи изгледа како вметнат брош што дополнително ја збогатува целата композиција.
Интересен е фактот што секој амблем и знак кој што бил аплициран порано на парчето облека има свое значење и тоа е најчесто тесно поврзано со семејната историја и традиција. Дизајнерите, генерално не оделе толку далеку. Тие длабоко нуркаат во модниот океан и секој успева на свој начин да го долови значењето на амблемот.
Додавањето на нови и интересни детали во модното секојдневие ќе ја разбие монотонијата и ќе внесе свежина во креирањето на модните изгледи. Затоа бидете храбри и одберете си сами на кое кралско семејство ќе припаѓате оваа зима.