Во оваа преодна сезона речиси секогаш ни е тешко да ги пронајдеме вистинските парчиња во кои ќе блеснеме за некоја пригода, со оглед на времето кое секогаш е толку непредвидливо.

По тој повод, денеска сакаме да ви ги презентираме палто – фустаните кои навидум се многу едноставни, но имаат супер ефект во секое време и за секоја пригода.

Всушност, станува збор за оние тенките палта од нежни материјали кои сакаме да ги носиме одозгора, но оваа пролет тие се носат и само како фустани.

Иако тие на прв поглед изгледаат како оние свилени ноќници кои се носат по дома, сепак се многу стилски и тоа воопшто не треба да ви претставува проблем.

Откако трендот на носење пижами и надвор од дома минатата година стана вистински хит, ова воопшто и не треба да ве чуди.

Најдобриот пример за тоа како оваа пролет треба да ги носиме палтата ќе го пронајдете во колекцијата на Гучи во која Алесандро Мишел направи вистинска експлозија од прекрасна свила и цветни мотиви.

За оние пак кои сѐ уште не сметаат дека се доволно храбри да ги носат палтата како фустани, можете да ги носите како засебни парчиња врз некоја шик комбинација.

Фантастични свилени палта со апликации ќе најдете и во голем број од колекциите на познатите high street брендови, но и кај голем број од големите дизајнери.

Она што треба да го запомните е дека наједноставната комбинација која сите ја обожаваат се малите тесни фустани под овие палта или мантили со кои никогаш нема да погрешите.

Уживајте во пролетта што доаѓа! 

Објавено:
15 март 2017
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
2.715 пати