Тренд: Слоевитост

22 јануари 2016

Слоевитото облекување особено е актуелно во зимскиот период, особено поради фактот дека во текот денот те ни е студено, те ни е топло.

Но, слоевитоста почна сè повеќе да се практикува како моден тренд. Вистинските љубители на модата во овој начин на носење облеката гледаат предизвик, па неретко во светските магазини сме сведоци на совршени модни комбинации.

Слоевитото облекување може многу да придонесе за софистициран изглед, но многу лесно може да ви направи и контра услуга.

За да можете да носите повеќе парчиња на себе, а тоа изгледа модерно и тренди морате да имате „око“ за должина, боја, дезен, текстура, кроеви и секако трендови.

Сите знаеме да носиме јакна преку џемпер, но не сите умееме да носиме две јакни одеднаш да речеме. И тука е разликата. Или знаете или не знаете да носите слоеви облека.

Постојат жени што можат пола плакар да го стават на себе и да изгледаат одлично, а постојат и оние што носат 3 до 4 парчиња, што за зимскиот период е нормална бројка, но не изгледаат најдобро.

Сепак, постојат неколку трикови со кои можете да се послужите и да се осигурате дека добро сте го совладале овој тренд.

*Преку долг џемпер, кошула или блуза, носете кратка јакна. На тоа можете да додадете голема марама или шал.

*Преку раскопчана кошула, под која имате маица носете долг капут. Или слој маица+џемпер+капут. Можете да додадете и масивен ѓердан.

*Под долг капут можете да носите и кожена или тексасна јакна.

*Под долга блуза или кошула можете да носите кратка ролка.

*Ако знаете да го носите, тогаш облечете и фустан или здолниште преку панталони.

*Ако се чувствувате како заробени во слоевите облека, тогаш не го носете овој тренд со сила. Облечете се во онолку парчиња колку што ви е потребно да се чувствувате пријатно, топло, опуштено и сепак креативно.

Објавено:
22 јануари 2016
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
2.242 пати