Сезонава централно место во мапата на модни трендови завземаат оние модни детали кои покрај естетската имаат и значајна практична функција: копчињата. Сепак, следејќи ги летно-пролетните колекции на дизајнерите и светските модни куќи, овој пат нивната улога е повеќе естетска отколку практична.
Во своите нови колекции, дизајнерите ги репозиционираа копчињата. Наместо класичното вертикално закопчување, сега копчињата се поставени дијагонално, хоризонтално и асиметрично.
Исто така, дворедното закопчување е тренд кој ја освежува ретро модата, па најчесто палтата, јакните и мантилите се со дворедно закопчување.
За оваа пролет прогнозите се дека една од најдоминантните тенденции ќе бидат фармерките и панталоните со висок струк украени со копчиња.
Модерната пепелашка, актерката Лили Џејмс неодамна се појави на црвениот килим, во рамките на нејзината светска промотивна турнеја за филмот „Пепелашка“ во совршено скроена, минималистичка тоалета на Баленсиага на која главниот фокус беше ставен токму на предимензионираните копчиња.
Фиби Фило за Селин и J.W Anderson секогаш наоѓаат инвентивен начин да ги избегнат конвенционалните и класични трендови, па овој пат во сбоите колекции за пролет-лето 2015 година, копчињата ги поставија странично.
Копчињата како детели можеби најмногу асоцираат на милитари односно војничкиот стил. Затоа неизбежно е војничките парчиња кои и оваа сезона ќе бидат актуелни, да се збогатени со копчиња најчесто во сребрена и златна варијанта.