Чекори до совршени омбре усни!

20 декември 2014

Ако мислевте дека омбре трендот завршува кај бојадисувањето на косата, се лажете! Оваа сезона, тој се враќа на голема врата, но овој пат на усните.

Токму омбре усните оваа зима се еден од „најжешките“ трендови што досега можевме да ги видиме кај некои од светските трендсетерки како Блејк Лајвли, Рејчел Зое и Џесика Алба.

Доколку се решите уште вечерва да ги нашминкате усните токму на овој начин, погрижете се фокусот секогаш да го ставите на потемните бои на надворешните агли на усните, додека во внатрешниот дел ставете посветли нијанси од истото „семејство“ на бои.

Бидејќи тие се еден од најголемите трендови оваа зима, во продолжение дознајте како чекор по чекор да добиете беспрекорни омбре усни!

Омбре број 1.

Можеби најлесните омбре усни за сезонава се токму овие. Потребно ви е моливче во потемна боја со кое ќе ги исцртате усните по аглите, додека во внатрешниот дел ќе нанесете бело моливче. Одозгора, нанесете кармин во нежна пудра нијанса за нежен и шармантен изглед.

Омбре број 2.

Кај овие омбре усни, повторно ви е потребно бело моливче, но овој пат ќе го нанесете на средината на усните како што е прикажано на фотографијата. По аглите, нанесете нежно моливче во крем/розова нијанса и на крајот, поминете нежно со прстите по усните. Одозгора, нанесете безбоен сјај.

Омбре број 3.

Овие омбре усни се за сите обожавателки на големи усни! Овој пат, тоа ќе успеете да го направите на многу едноставен и природен начин. Со моливче во потемна кафена нијанса, исцртајте ги аглите од усните, а потоа направете три линии по средината како на фотографиите. Одозгора, поминете нежно со сјај во нежна розова нијанса за да избледат грубите линии и да остане единствено ефектот на големи усни!

Омбре број 4.

Последниот предлог за денеска е всушност чекор понапред и од омбре трендот, односно интересна градација за одличен шик ефект. Со бело моливче за усни убаво ицртајте половина од усните. А на другата половина нанесете кармин во темно виолетова боја или некоја друга по избор. Со чиста четка, почнете од темната страна кон посветлата и нежно поминете по усните. Сосема на крајот, со белото моливче исцртајте го едниот агол на усните за поголем ефект.

Објавено:
20 декември 2014
Категорија: 
Убавина