Кога е шминката во прашање, постои една работа што никогаш нема да излезе од мода и која секогаш ќе биде синоним за женственост, отменост и сексапил – секако, говориме за црвениот кармин.
Но сепак, голем број жени сѐ уште ја немаат храброста да носат црвен кармин, иако тој долги години доминира во шминката.
Многу шминкери ширум светот за црвениот кармин ќе кажат дека е како мини здолниште – или изгледа многу добро или многу лошо. Кога го носите, секогаш мора да се однесувате како дама.
Црвениот кармин е оној што го диктира вашето однесување, па затоа, одговорностите кога го носите се многу големи. Познатиот балкански шминкер Александар Ѓикиќ вели дека размачканиот црвен кармин кај жените е најлошата можна појава.
„Доколку не сакате да изгледате како штотуку да сте јаделе ајвар, потребно е да направите само неколку ситници и светот е ваш“, вели шминкерот.
На што тој ви препорачува да внимавате кога ќе се одлучите да бидете дива со црвен кармин, прочитајте во продолжение.
-Најпрво, усните исцртајте ги со темно црвено моливче и лесно размачкајте ја линијата кон внатре (доколку не сакате да бидете како оние ретро дами со истакната линија од моливче). За усните да ви изгледаат полни, краевите на усните исенчајте ги со истата нијанса моливче.
-Со моливче во посветло црвена боја поминете преку потемната линија и обојте ја целата површина на усните. Кога карминот ќе почне да ви исчезнува, ќе бидете благодарни што моливчето е тука.
-Карминот можете да го нанесете од самата амбалажа, ако се сметате себеси за вешти, но најдобро ќе биде доколку тоа го сторите со четкичка. Кога ќе го нанесете првиот слој, вишокот отстранете го така што ќе притиснете едно шамивче меѓу усните.
-Откако го направивте тоа, нанесете уште еден слој кармин, но сега со тапкање. На тој начин нема да нанесете прекумерна количина што ќе ви остави трагови по забите.
-Ако е потребна корекција, тоа направете го со посветла нијанса на црвен кармин.
-За совршен краен ефект, на усните нанесете малку безбоен сјај, но внимавајте тој да не се разлее и да не ви го уништи целиот труд.