Четири вредни совети од нашите баби

8 октомври 2014

Покрај тоа што е дел од сечиј утрински ритуал, кафето има благотворни дејства за кои ни зборувале и нашите баби. На пример, кофеинот ја штити кожата од пребрзо сушење и стареење, а во продолжение ќе ви презентираме козметички препарати од кафе кои може да ги пробате во вашиот дом.

1. Кофеинот е состојка во голем број антицелулитни третмани. Измешајте лажица кафе со половина лажица кафен шеќер. На пределот каде имате целулит прво нанесете маслиново масло и масирајте. Потоа на истото место ставете од смесата и со кружни движења масирајте од пет до седум минути. Препорачливо е пред започнување на третманот да се истуширате со цел кожата да ви биде помека, а за резултати покрај здравата исхрана и вежбањето, третманот треба да го практикувате неколку пати неделно.

2. Доколку вашата коса го изгубила сјајот, сварете кафе и оставете го да се излади, се додека течноста не стане млака. Потоа кафето полијте го низ косата, замотајте ја  во пунџа и држете ја така триесеттина минути. На крај, измијте ја косата како што го правите тоа вообичаено. Овој третман ќе ја интензивира вашата боја на коса и ќе и даде блескав сјај.

3. Доколку сакате да имате леден тоник наутро, сварете црно кафе, ставете го во сад со мраз и замрзнете го. Наутро масирајте го лицето со коцки мраз, а тоа ќе придонесе за зацврстување на кожата на лицето и ќе изгледате освежено.

4. Борите се најголем непријател на секоја жена, но сепак обидете се да ги минимизирате на природен начин. Измешајте брашно со сварено кафе и кога ќе добиете густа смеса, помешајте ја со жолчка. Маската држете ја на лицето петнаесетина минути и потоа измијте се и нанесете хидратантна крема.

Објавено:
8 октомври 2014
Категорија: 
Убавина