Припремете ги вашите стапала за лето

10 мај 2014

-640x352

Со оглед на фактот дека многу наскоро ќе пристигне сезоната на носење сандали, решивме да ви презентираме неколку совети за тоа како да ги припремите вашите стапала, токму за периодов што следува. Постојат неколку третмани кои што се едноставни и можете да ги направите во вашиот дом. Еве како да заштедите на педикир:

Овесна каша

Во еден сад со средна големина помешајте три чашки овесни снегулки со три лажици маслиново масло. Масирајте ги нежно стапалата со оваа смеса пет минути, а потоа измијте ги нозете и оставете ги да се одморат.

Шеќер

За следниот третман кој што можете да го користите за да ги разбудите вашите стапала од зимскиот сон ви се потребни: три лажици кафеав шеќер, една лажица мед, една лажичка сок од свеж исцеден лимон и една лажичка бадемово или маслиново масло. Измешајте ги состојките додека смесата не се соедини. Потоа со кружни движења масирајте ги вашите стапала и на крај измијте ги нозете со топла вода.

Сол

Опуштен пилинг за освежување на вашите стапала можете да направите доколку во еден сад помешате една чаша морска сол, една чаша и половина ладна вода и две капки етерично масло од лаванда. Кога смесата ќе се изедначи, почнете со лесна масажа на вашите стапала неколку минути, а потоа измијте ги нозете и оставете ги да се одморат.

Лаванда

Следниот третман се однесува на комплетно опуштање на вашите стапала. Во сад наполнете пет литри вода, ставете неколку капки етерично масло од лаванда и 1 чаша морска сол. Потопете ги нозете во садот и останете така 10-15 минути, а потоа избришете ги.

Маска за нега на стапала

Оваа маска се нанесува на вашите стапала во текот на ноќта. Во мал сад помешајте четири лажици бадемово или маслиново масло, две лажици путер од какао, две лажици мед и четири капсули богати со витамин Е. Нанесете ја маската на нозе, облечете памучни чорапи и оставете да делува во текот на ноќта . Наутро отстранете ги чорапите и измијте ги нозете со топла вода.

Пудер

За да направите мирисен пудер за стапала, ви треба една лажица сода бикарбона и 5-10 капки од вашето омилено етерично масло. Во пластична вреќичка помешајте ја содата и маслото и добро протресете. После секое миење на стапалата нанесувајте ја смесата. Содата делува како антибактериски агенс и го спречува прекумерното потење на стапалата, а маслото спречува да се прошират одредени инфекции и бактерии по должината на стапалото.

Кој е вашиот омилен третман?

Објавено:
10 мај 2014
Категорија: 
Убавина