Кои се волшебниците што ги креираат мејкап трендовите?

10 февруари 2014

Моментално во тек е модната недела во Њујорк, а покрај креациите на дизајнерите постои и голем тим на стилисти, фризери и мејкап артисти кои ја комплетираат сликата за тоа како секој модел поединечно ќе изгледа. Шминкерите кои ќе ви ги претставиме во продолжение ги креираат и наметнуваат новите трендови на шминкање и делат совети за секоја девојка да може да си дозволи да изгледа средено во секој поглед.

Пат Мекграт

Британката Пат Мекграт уште од мали нозе била воодушевена од начинот на кој се шминка нејзината мајка, за години подоцна тоа да стане нејзина професионална ориентација. Кариерата ја започнува во деведесеттите години со работа во магазинот i – D. Има соработувано Џил Сандер и Џон Галијано. На модните недели пристигнува со 30 куфери шминка и опрема и најчесто соработува со Долче и Габана и Макс Фактор, а има креирано и сопствен бренд.

Питер Филипс

Интересен факт е дека всушност Питер кој е по потекло од Белгија сакал да стане фризер, но конечна одлука да стане шминкер донел за време на една модна недела во Париз. Има соработувано со магазинот i – D и Раф Симонс, а успехот го постигнува откако ја започнува соработката со Карл Лагерфлед и Шанел, каде до пред година дена беше креативен директор. Иако ја напушти таа позиција, сепак сеуште ги шминка моделите за потребите на Шанел, а работи и за брендовите Фенди и Александар Меквин.

Дијана Кендал

Британската шминкерка со 30 годишно искуство прво изрзботувала театарски маски, па потоа се родил интересот за шминкање. На почетокот соработувала со фотографот Дејвид Симс, а потоа се нашла во италијанскиот Вог, од каде започнува големиот интерес за неа. Живее и работи во Њујокр и шминка за Томи Хилфигер, Александар Ванг, Каролина Херера, Џејсон Ву и многу други. Интересно е да се знае дека иако е една од најдобрите шминкерки, сепак на себе не нанесува шминка.

Дик Пејџ

Британскиот шминкер кој е познат како бунтовник во модната индустрија по стапувањето на функцијата креативен директор на Shiseido го пронашол својот интерес ва мејкапот. Дик Пејџ ја има шминкано тогаш 15 годишната Кејт Мос  за магазинот The Face, а потоа го воодушеви светот со минималистичката шминка на ревијата на Келвин Клајн во Њујорк во 1993 година. Соработува со Марк Џејкобс, Макл Корс и други.

Том Пешу

Креативниот директор на Estée Lauder кариерата ја започнува на 19 години и тоа токму преку соработката со Марио Тестино и Керин Ројтфелд. Претходно има работено за Shiseido и е редовен учесник на модните недели каде го надградува своето знаење. Својата работа ја споредува со готвењето поради внимателното мешање на разни нијанси и текстури. До сега има работено за ревиите на Марни, Изабел Марант, Ралф Лорен и Макс Мара.

Објавено:
10 февруари 2014
Категорија: 
Убавина