Парфеми и мириси кои ќе бидат актуелни оваа сезона

1 октомври 2013

Сакате да си купите нов парфем, за да ги освежите овие студени денови, а не знаете кој е вистинскиот мирис за вас. Тимот на fashionel го зеде в предвид овој факт и направи листа со неверојатни предлози на прекрасни мирисни ноти кои одлично ќе ве освежат оваа есен и зима.

 

 

Ако припаѓате на онаа група на жени кои со својот секси чекор и одлични техники на заведување ги освојуваат градските улици, тогаш идеалната есенција за вас се светлите цветни мириси со слатки ноти. Парфеми кои вас ќе ве воодушеват се: „Be Jeweled Fragrance“, на Вера Ванг или „Secret Seduction Dark Orchid“, на Викторија Сикрет.

 

 

За креативните жени кои имаат уметничка жичка во себе и сакаат своето време да го поминуваат во уметнички галерии, да набљудуваат слики и да фаќаат белешки во своите тетратки, цветни мириси со дрвенасти тонови во својот состав се идеално решение за вас. „Candy L'eau“ на Прада и „L'eau de Chloé“ од Клое се парфемите кои ќе изградат вистинска хармонија во вашиот уметнички свет.

 

 

Ако пак сте од оние девојки и жени кои секаде го носат својот спортски дух, цитрусовите есенции, се вистинскиот избор за вас. Ќе ја потенцираат вашата енергија и свежината како и младешкото чувство со кое го освојувате секој нов ден.„ Spice Lemon Tart “ на Џо Малон е она што ви треба.

За нежните принцези кои уживаат во својот розов свет, суптилните виолетови цветови ќе ги расцветаат нивните сетила. Мирисните ноти на парфемот „Daisy“ на Марк Џејкобс ќе ги одведе директно во рајската градина.

 

 

За деловните жени кои се носат рамо до рамо со машкиот свет и совршено владеат во него носејќи високи потпетици идеални се елегантните есенции на „Pleasures Pop“ од Есте Лаудер.

За клаберките и девојките кои сакаат своето време да го поминуваат по ноќни клубови, дискотеки и кафе муабет им треба мирис кој ќе одговара на нивниот социјален карактер и потребата да бидат постојано во центарот на случувањата. Овошните ноти се оние кои одлично одговараат на нивниот стил и начин на живот. „Honey“  на Марк Џејкобс и Viva la Juicy се мирисите кои совршено ја отсликува нивната личност.

 

 

Парфеми кои потсетуваат на есен

Есента како годишно време ни буди спомени на сите нас и сите тие имаат различни мириси. На дожд, на вкусни дуњи, на јаболка, но кој е вистинскиот мирис кој е правиот синоним за есенското доба? Еве кои ги одбравме ние:

„Guerlain Mitsouko“ е овошен парфем со арома на праска, ветивер и мов. Ќе го почувствувате мирисот на изгазени лисја од некоја планинска патека, каде сонцето срамежливо ги протега последните сончеви зраци низ веќе оголените крошни на дрвјата.

 

 

L'Ambres des Merveilles на Хермес е исто така мирис со слатки ноти кој ќе ве потсети на вашето детство. Карамели, јаболка и цимет е неговата тајна формула, која ќе ве маѓепса.

Парфемот на Фенди „Theorema“ е идеален за долгите врнежливи денови кога сакате во своето интимно катче едноставно да поминете време со вашиот сакан гледајќи некој љубовен филм. Ориенталните ноти на килибар, сандалово дрво, пачули, амбер и пријатни зачини ќе ја загрее и онака жешката атмосфера.

 

 

Кога сме веќе кај ориенталните ноти, според едно истражување констатирано е дека есента е најубава во Азија. Затоа инспириран од своите патувања на Далечниот Исток, Том Форд го креираше „Fleur de Chine“, кој ќе ве освои со романтичната и мистериозна убавина на азиската култура, традиција и женска убавина. Направен од слива, магнолија, јасмин и егзотични цветови, нема да ве остави рамнодушни.

На листата за најесенски парфеми може да ги додадеме и „Carven Le Parfum“, кој мириса на свежо берени цветови од јасмин, сладок грашок и сандалово дрво, па продолжуваме со „Rose D'Arabie“ на Армани кој потсетува на пустините од приказните 1001 ноќ на Шекерезад. И завршуваме со мирисите на портокалите, парфемот „Azemour les Oranges“ ќе ја разбуди свежината на пролетта која набрзо ќе треба повторно да пристигне.

 

 

Доколку имавте недоумици во изборот на парфем за оваа сезона се надевам дека нашата мала селекција ви помогна во изборот и во донесувањето на вистинската одлука. Мирисајте на есен!!!

 

Објавено:
1 октомври 2013
Категорија: 
Убавина