Водич за сите видови акни и како да се справите со нив!

24 септември 2014

Акните на подрачјето кај носот и челото дефинитивно се типични за тинејџерските години, но кога сте изложени на постојан стрес, годините не се прашање! Акните раскажуваат своја приказна која треба дефинитивно да ја чуете за да знаете како да се справите со истите.

Кожата на лицето е најдобар показател на сето она што се случува во вашето тело. А со оглед на тоа што акните не се појавуваат без причина, важно е сериозно да ја сфатите пораката што тие ја испраќаат. Во следниов водич ќе дознаете како да ги победите акните кои се појавуваат на одредени делови на лицето и пред сѐ, како да се справите со нив на време.

Акни во подрачјето на брадата и вратот

Акните на овој дел од лицето јасно укажуваат дека сте во периодот на месечниот циклус. Благодарение на хормоните во оние денови од циклусот, кожата е помасна, поради што полесно ви се затвораат порите и избиваат акни во тие делови. Секогаш, лекувајте ги со козметички производи што содржат салицилна киселина, а доколку подолго време не забележите никаква разлика, советувајте се со лекар.

Акни на подрачјето на носот и челото

Акните на подрачјето кај носот и челото се карактеристични за тинејџерските години и за оние моменти кога сте изложени на постојан стрес. Превентивно нанесувајте производи против акни на тие делови кога знаете дека се наоѓате во таков период и кога не можете лесно да се справите со некоја ситуација од која знаете дека ќе има такви последици.

Акни по краевите на лицето

Доколку постојано ви се јавуваат акни кон краевите на лицето и на оние места каде што ви почнува косата, голема е веројатноста дека тоа е последица од производите што ги користите за нега на косата. Тоа значи дека можеби сте претерале со производите за обликување, како на пример со пената, со лакот или пак гелот. Тоа значи дека тие не и даваат на кожата да дише и дека ги затвориле порите што подоцна избиле во акни. Во иднина, внимавајте на тој дел каде се спојува кожата на косата со онаа на лицето и избегнувајте таму да ги нанесувате наведените производи.

Акни на образите

Најчестата причина за акните на образите, е допирот со нечисти раце на лицето или пак допирот на телефонот. Постојаното чепкање или чешање по лицето, може да ги затвори порите и да го зарази лицето со најразлични бактерии, а токму на мобилниот ги има во огромен број. Секој ден чистете го мобилниот со антибактериски марамчиња, а рацете држете ги подалеку од лицето!

Акни на подрачјето околу усните

Најголемиот проблем тука се вашите прехранбени навики. Претерано киселата и масна храна може да биде погубна за вашиот тен, а ниту проблемите со акните во овој дел нема да ве заобиколат. Хранете се здраво, а кога јадете нешто масно или кисело, никогаш не заборавајте лицето темелно да го исчистите со марамчиња.

Акни на подрачјето кај деколтето и грбот

Најчестата причина на појавата на акни во овие делови е неадекватната облека. Доколку вежбате, би требало да го избегнувате вежбањето во памучна облека бидејќи истата предизвикува поголемо потење и ги задржува бактериите. Од друга страна пак, кога не вежбате, треба да ги избегнувате синтетичките материјали и да носите облека од природни материјали со која кожата ќе ви дише без пречки.

Објавено:
24 септември 2014
Категорија: 
Убавина