Пролетта и летото се периоди кога најмногу експериментираме со изгледот. Доколку сте од оние што посакуваат промена, тогаш веднаш да ви кажеме дека кратката коса е тренд број еден.

Тоа ќе го забележите и ако ги погледнете последните фотографии на голем број познати личности – Зендаја, Зои Салдана, Карли Клос, Кајли Џенер, Бела Хадид се само дел од оние што се одлучија да ја скратат косата.

Боб фризурата доминира, а во продолжение погледнете на кои сè начини можете да ја носите:

 

Брановиден боб

Боб фризурата стана една од најпопуларните. Веќе неколку сезони го држи приматот кога се трендовите во прашање, а е и најчестата препорака на стилистите. Брановидниот боб е одлична варијанта кога одите на одмор. Лесен е за одржување, практичен и во секое време изгледате средено и модерно. Втората варијанта на оваа фризура е „разбушавениот“ боб, кој голем дел од ѕвездите го практикуваат на црвениот килим, но е и малку ризичен бидејќи границата од „разбушавен“ боб и несредена фризура е тенка.

 

Краток боб

За похрабрите, уште подобра варијанта на класичниот боб. Женствена фризура со која вратот и обликот на лицето доаѓаат до израз. Дали ќе се одлучите за рамна или брановидна варијанта и не е толку важно. Многу поважно е да се чувствувате убаво и заводливо, а краткиот боб и тоа како може да придонесе за тоа.

 

Кратка фризура со шишки

Уште еден голем тренд за похрабрите. Ако првпат се одлучувате за оваа фризура, тогаш задолжително консултирајте се со стручно лице што ќе ви каже дали ви прилега или каква форма за вас би била најдобра. А, ако веќе имате кратка коса, тогаш оваа пролет пуштете ги шишките малку повеќе, па стилизирајте ги на различни начини. Така, ќе имате можност во секое време да бидете поинакви.

 

Машка фризура

Сосема кусата фризура некои ја нарекуваат „машка“ а некои „француска“. Без разлика на тоа, факт е дека не секој може и умее да ја носи. Но, оние што еднаш ќе ја скратат косата во ваков стил, многу тешко се враќаат на долгите форми. Го истакнува лицето, особено очите и фокусот е ставен врз вашиот израз. За девојките што носат вакви фризури се смета дека се бунтовни и храбри, надвор од стереотипите и со изразен стил. 

Објавено:
15 мај 2017
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
8.322 пати