50 мајки, 50 деца и еден екстра хромозом

Ова е насловот на видеото кое денеска кружи низ светските медиуми, а кое топло ви препорачуваме да одвоите 5 минути и да го погледнете.

В пресрет на 21-ви март, светскиот ден на лица со Даунов синдром, Кристина Пери сними песна со наслов „A Thousand Years“, како дел од кампањата за кревање на свеста за овие лица, а по повод одбележување на споменатиот ден.

Беки Керлес пак е името на мајката која заедно со нејзиниот четиригодишен син Арчи прва се сними пеејќи ја оваа песна. Но, не е сама. Во видеото вкупно можете да видите 50 мајки со 50 деца со Даунов синдром, притоа сите имаат четири години.

При изведбата на песната користат и форма на знаковен јазик, дизајниран за луѓето со говорни проблеми, а особено за оние што имаат Даунов синдром.

Идејата за тоа како да го снимаат видеото ја добиле од популарното „Carpool Karaoke“ на Џејмс Корден. И водителот ја виде оваа верзија на неговата емисија, а воодушевувањето го сподели на Твитер профилот:

„Ова е најпрекрасното Carpool Karaoke. Ме расплака“, напиша водителот.

Кристина Пери пак, изјави како е почестена што токму нејзината песна е избрана за кампањата.

„Сакаме сите да го видат видеото. Идејата е да видат дека ние сме нормални мајки, ги сакаме нашите деца, тие нè сакаат нас и дека тие се како и било кое друго четиригодишно дете. Не би ги менувале за ништо. Веруваме дека ова видео го има потенцијалот да биде најгледаното ширум светот на Светскиот ден на лица со Даунов синдром годинава, па затоа сите споделувајте и помогнете ни да оствариме успех!“, порачува мајката Беки Керлес.

Инаку, за една недела, видеото има повеќе од половина милиони прегледи.

Објавено:
19 март 2018
Прегледно:
1.193 пати