„Градот убав пак ќе никне“ во прекрасна изведба на Градскиот дувачки оркестар

Градскиот дувачки оркестар Скопје ни го разубави денот, со своја верзија на безвременската „Градот убав пак ќе никне".

Со видео инсерти од убавините на Скопје пропратени со прекрасната композиција, добивате чувство на надеж и оптимизам, во време кога ни се неопходни.

„Градскиот дувачки оркестар Скопје, чии што маркантни униформи беа дизајнирани од страна на Елена Лука, активно работи и за време на карантинот, се разбира безбедно, од дома, снимаме, монтираме и објавуваме карантински верзии на најпопуларните мелодии на нашите социјални канали", велат од Градскиот дувачки оркестар во најавата за нивната нова, карантинска верзија на „Градот убав пак ќе никне".

музика - А. Џамбазов
аранжман - Х. Еминовиќ
аудио продукција - В. Дробицки
видео материјали и монтажа - М. Дамњановски

Градскиот дувачки оркестар е основан во 2006 год. Од неговото формирање со него раководи диригентот Хусеин Еминовиќ. Во ГДО членуваат 29 професионални музичари, од кои 24 со завршена музичка академија, 3 магистри и 2 студенти.

Севкупните подготовки на оркестарот за реализација на годишните програми се одвиваат во просториите на МКЦ Скопје.
Овој оркестар со својата кадровска поставеност поседува огромен потенцијал и изведува дела со различен карактер од различни епохи и стилови. Културното живеење на нашата метропола несомнено е побогато со постоењето и работењето на ГДО Скопје, кој во својата програма вклучува:
- концерти по повод ден на пролета;
- концерти по повод ослободувањето на Град Скопје;
- свечени целовечерни концерти со гости солисти;
- концерти во Општините на Град Скопје;
- концерт поповод отварање на манифестацијата Скопско лето;
Оркестарот настaпува и на голем број манифестации под покровителство на Градот:
- „Звуци на чаршијата";
- по повод државни празници и значајни датуми;
- учество на манифестации од градски и државен карактер;
- концерти низ републиката.

Објавено:
23 јуни 2020
Прегледно:
469 пати