Меган Маркл: Никој не ме прашува дали сум ок...Изминатата година беше борба...

Можеби најпопуларната кралска двојка во историјата на семејството, Хари и Меган неодамна ја завршија турнејата во Јужна Африка на која за прв пат отпатуваа како семејство заедно со нивното синче Арчи.

За време на посетата, популарниот канал ITV сними документарец во кој покрај нивните активности, Меган и Хари искрено говорат за притисокот што го чувствуваат последнава година.

Во емотивното интервју кое премиерно беше прикажано заедно со документарецот во неделата вечерта, таа раскажува како се чувствува во Британија и колку всушност ѝ пречи тоа што медиумите постојано ја напаѓаат.

Новинарот на ITV каналот го започнува интервјуто со прашањето: „Дали сте добро? Како би ја опишале изминатата година?“

„Секоја жена, особено кога е бремена се чувствува кршлива...А кога имаш новороденче ... веројатно знаеш. Особено ако си жена. Сето ова плус...Млада мајка, штотуку венчани...Знаеш...И ти благодарам што ме праша како сум, ретко кој ми го поставува ова прашање. Но, позади сцената се случува навистина реален живот“, вели Меган.

Водителот ја праша и дали може да се заклучи дека одговорот на прашањето „Како е?“, би бил: „Не баш добро, изминатата година беше борба?“, на што таа одговара потврдно.

„Беше тешко. Кога го запознав мојот сега веќе сопруг, моите пријатели беа среќни затоа што и јас бев среќна, но моите пријатели од Британија ми рекоа: Знаеме дека си среќна и дека тој е супер, но не треба да го правиш ова, британските медиуми ќе ти го уништат животот. Јас можеби малку наивно, бидејќи сум Американка, ние немаме такво нешто таму, им реков: Тоа нема смисла, јас дури не сум ни во таблоидите“, вели таа.

Кралската двојка неодамна поднесе приватна тужба против британски таблоид за објавени лажни вести поврзани со Меган, а Хари изјави дека повеќе не можел да гледа што медиумите ѝ прават на неговата сопруга бидејќи истото се случувало и со неговата мајка.

„Секако дека сето тоа ме повреди мене и мојата жена, особено поради тоа што најголемиот дел од објавените вести не беа вистина. Не сакам да се повтори играта што ја уби мајка ми“, вели принцот Хари во интервјуто.

Новинарот секако го прашува и колку информациите дека не се согласуваат добро со неговиот брат се вистинити, на што принцот Хари одговара дека неизбежно, работи се случуваат, но и дека тие се браќа и секогаш ќе бидат тука еден за друг.

„Можеби сега одиме по различен пат, но знам дека тој секогаш ќе биде тука за мене, а исто и јас за него, иако денеска не се гледаме многу како што тоа беше порано, но тоа е резултат на нашите зголемени обврски. Како браќа, знаете, имате добри и лоши денови“, додава Хари во интервјуто.

Сосема за крај, за среќата во кралското семејство Меган ќе каже:

„Не е доволно само да се преживее. Тоа не е поентата на животот. Мора да се воздигнуваш, да си среќен. Навистина се обидов да го присвојам она вашето, да не покажувам кога сум бесна, но едноставно, долгорочните последици од тоа би биле навистина штетни“, завршува Меган.

Очекувано, британските и светските медиуми, како и Твитер заедницата се кренаа на нозе по интервјуто на Меган, па поделени беа мислењата околу истото.

Дел од нив коментираа дека сето она што таа го говори е навистина емотивно и заслужува да има среќен живот во Британија, без постојано да биде напаѓана, а дел повторно ја осудија.

Инфо и фото: Daily Mail, ITV 

Објавено:
21 октомври 2019
Прегледно:
7.155 пати