Овој фустан покажува колку пати жените се допирани без нивна согласност

Движењето #MeToо дефинитивно ја одбележа минатата година, па голем број од познатите личности и компании се обидоа да ја искористат нивната популарност да ја актуелизираат темата уште повеќе и да помогнат каде што можат.

Последно, нè восхити фантастичната реклама на Швепс за чии потреби цел тим инженери и дизајнери изработија „паметен“ фустан кој следи колку пати жените се допирани без нивна согласност.

Да биде појасно, станува збор за фустан кој испраќа сигнали преку wi – fi секогаш кога некој ќе ја допре жената било каде на телото без таа претходно да се согласи.

Експериментот е направен во ноќен клуб во Сао Паоло со три волонтерки, а резултатите се неверојатни. За само еден час, една од девојките била допрена повеќе од 40 пати од непознати мажи во диското на било каков начин.

На крајот, дел од мажите во ноќниот клуб биле поканети да го погледнат видеото и речиси сите од нив биле шокирани што всушност им се случува на жените кога ќе излезат и единствено што сакаат е да танцуваат.

Последните бројки, конкретно во Бразил, покажуваат дека околу 86 проценти од жените се малтретирани по клубовите, а останатите статистики покажуваат дека речиси половина од женското население во Бразил има искусено сличен вид на малтретирање без нивна согласност.

Погледнете го одличниот експеримент!  

Објавено:
3 јануари 2019
Прегледно:
337 пати