Тилда Свинтон патува низ Шкотска во новото видео за Мерцедес Бенз

После професионалните ангажмани со дел од најпознатите актерки и модели како Мила Јовович, Карли Клос и Џорџија Меј Џегер, гигантската компанијата автомобили Мерцедес Бенз реши за најновата рекламна кампања да ја ангажира неверојатната актерка Тилда Свинтон. Во новото видео актерката патува низ нејзината родна Шкотска, оставајќи ги зад себе спомените од минатото.

Минатата недела, Тилда Свинтон го посети Берлин, каде беше специјален гостин на локалната модна недела. Ова нејзино патување во Берлин и појавување на берлинската модна недела која се одржува под покровителство на Мерцедес Бенз е сосема логично и очекувано, со оглед на фактот дека видеото за новата рекламна кампања на компанијата каде таа ја игра главната улога веќе е пуштено во етер.

Дејството на приказната се случува во Шкотска, од каде и потекнува самата актерка. Свинтон заминува на долг пат низ магливите шуми, студените степи, карпестиот брег, возејќи го најновиот модел на автомобил S-Class Coupé. Метафорично е прикажано како таа прикрива дел од своите  спомени од минатото  притоа генијално глумејќи различни емоционални состојби. Режисер на мини филмот е фотографот Рој Етриџ, кој неодамна ја режираше и новата рекламна кампања на италијанскиот бренд Трусарди. Снимањето опфати временска рамка од четири дена, а тимот кој работеше на техничкиот дел го сочинуваа околу педесетина луѓе.

За имиџот на хероината  во кампањата се погрижи нејзиниот долгогодишен соработник и пријател дизајнерот Хајдер Акерман, кој и овој пат се одлучи за андроген изглед базиран на долги широки панталони и  мантил со издолжена силуета во кафена боја.

„Шкотска е земја која во себе крие многу тајни. Ова е одлично место за комплицираната приказна која ја раскажуваме во овој мини филм. Соработката со моите пријатели Рој и Хајдер е неверојатно инспиративно искуство за мене“, рече актерката.

Додека во Париз во полн замав беше неделата на висока мода, во главниот град на Германија, Берлин започна Мерцедес Бенз модната недела, каде како специјална гостинка беше токму Тилда Свинтон.

Благодарение на неверојатно смирениот и едноставен моден изглед, актерката и во своите средни години важи за вистинска персонификација на современа модна икона. Токму поради мистичниот спој на женствената моќ и машката сила која ги крие во себе Свинтон изминативе години можевме да ја видиме како заштитно лице во кампањите на модната куќа Шанел , брендот на Олимпија Ле Тан, Помелато и многу други.

На модната недела во Берлин, таа седеше во првите редови придружувана од својот сопруг уметникот Сандро Коп и нејзиниот близок пријател, дизајнерот Хајдер Акерман, кој се погрижи за модните изгледи на актерката.

Објавено:
15 јули 2014