Видео: Одлична атмосфера на првиот голем кастинг за дамите над 40 во Елена Лука

Модната куќа Елена Лука беше местото каде неодамна се собраа повеќе од 100 – тина жени заедно да ја прослават убавината што доаѓа после 40 – тата.

Во ателјето за венчаници на модниот бренд, прекрасните дами уживаа во одличната дружба за која ќе кажат дека треба да се случува почесто, бидејќи и нема многу настани што ги поврзуваат жените во тие години.

Шармантните дами повеќе од два часа се фотографираа, танцуваа на супер музика и споделуваа различни животни искуства, за кои инаку секојдневно разговараат на популарната онлајн платформа Sweet 40 +.

Идејата на г-ѓа Елена Пандева како генерален менаџер на модниот бренд Елена Лука и онлајн платформата Sweet 40+, беше на едно место да се соберат сите прекрасни дами во оваа уште поубава деценија од животот, да се забавуваат, но и да бидат дел од различни модни кампањи на етаблираниот моден бренд во иднина.

„Ова беше навистина посебен ден и навистина сум среќна и возбудена од фидбекот што го добивме. Организиравме настан – отворен кастинг за жените над 40-тата, каков досега немало кај нас, од големи рамки. Многу се радувам што одзивот беше голем и што имаше многу насмеани лица. Дамите, кои ги имаше преку стотина, ја препознаа нашата идеја и се пронајдоа. Со ова сакав да покажеме дека кај нас има навистина убави жени, вредни за внимание. Во светски рамки веќе одамна е тренд да се ангажираат дами во нивните 40, 50, 60 години, па и повеќе, а сега тој тренд го приближивме и кај нас. Сите што денеска беа присутни во салонот на „Елена Лука", каде и се одвиваше кастингот, посведочија на прекрасна атмосфера, другарување и забава, со што уште еднаш се потврди фактот дека вакво нешто недостасуваше и на модната сцена кај нас, но и на жените, кои сега се во најубавите години од животот", вели г-ѓа Пандева.

Таа објаснува и дека всушност целта на „Елена Лука" и платформата „Sweet40+" е да ги стави потребите на жената во преден план, да создава за неа, да се инспирира од неа и да ѝ овозможи да се чувствува посебна, како што и треба да е секогаш.

„Убавината во нашите години е сеопфатна, посуштинска... Не е само надворешната убавина битна. Зрелоста дава духовна тежина на надворешната естетика! Едноставно Жените се дефинирани во секоја смисла. Пленат со својата харизма и самодоверба! Ги разбрале вистинските вредности во животот и затоа убавината ја ослободиле. Нивната спонтаност плени. Ослободени од комплекси и разноразни предрасуди, тие си се движат низ животот. Со нетрпение очекувам брза средба со сите Жени од кастингот (и сите што не стигнаа се поканети да дојдат на наредна средба, па и Вие) каде што ќе се дефинираат правците и концептот на едиторијалите на Елена Лука, што беа планирани и ќе се работат во брзо време!. Ви праќам на сите огромна Љубов", додава г-ѓа Пандева.

Токму тоа може да се забележи и во видеото што го гледате во прилог, а кое беше снимено во просториите на ателјето за венчаници на Елена Лука за време на настанот.

Дел од дамите кои учествуваа на кастингот, за Fashionel ќе кажат дека ова е едно од нивните најпозитивни искуства во животот и дека со нетрпение чекаат да бидат дел од некој следен проект на познатиот моден бренд.

Овој фантастичен настан беше уште еден доказ дека онлајн платформата Sweet 40+ за многу кратко време стана ултра популарна кај дамите над 40. Место каде тие секојдневно разменуваат различни искуства, идеи, предлози и што уште не, но пред сè, место каде се слави убавината на жената во секоја деценија.

Во видеото погледнете ја одличната атмосфера и прекрасните дами што беа дел од првиот отворен кастинг за дамите над 40 во нашата земја.

Објавено:
21 мај 2019
Прегледно:
2.221 пати