Откако лани италијанскиот дизајнер Џамбатиста Вали дебитираше со венчална колекција, деновиве ја промовираше и втората линија венчаници, односно вториот дел од колекцијата „Love".
Како што ќе посочи и самиот дизајнер, продолжението на колекцијата го карактеризира подраматична нота во однос на првиот дел, затоа што едноставно неговиоте клиенти тоа и го очекувале од него.
„Во првата колекција играв на сигурно, на некој начин. Но, моите клиенти бараа нешто уште понеобично од мене", вели дизајнерот за својата одлука да додаде уште малку магија и доза на екстравагантност во дизајнот на новите модели венчаници.
А тоа подразбира игра со кроевите и деталите, кои додаваат волумен и слоевитост, нешто по што Вали е препознатлив. Претежно во „сирена" крој но, карнерите кои се водечка естетска референца, даваат една сосема нова перспектива.
Елеганцијата и романтиката се постојано присутни. Неколку модели се изработени и во стил што ги интерпретира грчките божици, со суптилно лелеав долен дел, V деколте и наметка, а не се игнорирани ниту новите тенденции, па во колекцијата е понудена и шармантна мини венчаница за невестите кои сакаат да го избегнат конвенционалниот изглед.
Цените на венчаниците варираат од 12.000 до 30.000 долари.
Во меѓувреме Џамбатиста Вали се подготвува за своето „haute couture" шоу во јули.