Невести како балерини- колекција венчаници инспирирани од балетот

11 август 2014

Со оглед на фактот дека балетот како уметност во Њујорк дебитираше во далечната 1962 година, а со тоа и балетскиот костим на американско тло, тргнувајќи оттука и американскиот бренд за венчаници BHLDN се инспирираше од корените на балетот за последната есенска колекција венчаници за 2014 година. За таа цел изработен е лукбук во кој малечки балерини позираат заедно со манекенки во улога на невести. Иако традиционалниот балетски костим е препознатлив по волуменозниот долен дел попознат како туту, венчаниците на BHLDN го немаат тој бајковит момент, туку лелеаво се слеваат создавајќи едноставен и романтичен изглед на невеста.

 

Колекцијата изобилува со елегантна тантела, многу тул и кристални детали што  ја надополнуваат целата венчална приказна. И бојата на венчаниците се движи во палетата блиска до нијансите од кои се изработуваат костимите, па така ќе погледнете такви од нежно розова до други во боја на слонова коска. Формите се класични и прилагодени за сечиј вкус. Дека неконвенционалните венчаници станаа побројни од понудата на специјализираните етикети, покажува и оваа колекција каде не се исклучени кратките венчални фустани.

 

Колекцијата веќе е достапна на официјалната продажна страна на брендот, а доколку сте во недостаток од инспирација и ви се допаѓаат таквите што потсетуваат на костимите на балерините, можеби ќе го изберете и вистинскиот за Вас.

 

Објавено:
11 август 2014
Категорија: 
Бела соба