Наем Кан рачно ги сликаше венчаниците во неговата нова колекција!

20 април 2015

Еден од омилените дизајнери на денешницата и миленик на холивудските дами, Наем Кан, ја претстави новата пролетна колекција во која повторно смести неверојатни модели.

Она што беше особено интересно од дизајнерот овојпат, е тоа што инспирацијата сега ја црпеше од земјите во светот, па така секоја венчаница засебно ја именуваше по некои од неговите омилени земји.

Во колекцијата, индиско – американскиот дизајнер смести вкупно 18 парчиња подеднакво убави и привлечни за секоја невеста.

Особено внимание привлече прекрасната венчаница со длабоко деколте, на која луѓето од тимот на дизајнерот рачно насликаа совршени бели цветови во неколку форми.

Славејќи ја 10 – годишнината од постоењето на неговиот бизнис, дизајнерот се потсети и на некои од неговите најубави и најзначајни креации од црвениот килим, но даде и една особено позитивна изјава.

Посочувајќи на последната креација од новата колекција, составена од бел костим од совршен материјал, надополнет со вел и високи потпетици, тој уште еднаш го потврди неговото мислење за браковите од ист пол.

„Со оваа креација наречена Сан Франциско, сакав да кажам дека ние веруваме во тоа, сакаме да бидеме дел од тоа и ги почитуваме сите избори и одлуки“, изјави дизајнерот.

Останатите креации од колекцијата беа вистинско олицетворение на чистата и ведра невеста која обожува бели венчаници, претежно со длабоко деколте и срце корсет покриени со најубавата тантела на светот.

Во однос на деталите, дизајнерот венчаниците ги комбинираше со впечатливи обетки и венчиња од кои совршено „паѓаа“ најубавите велови на светот.

Фотографиите од галеријата ќе ви раскажат за што говоревме до сега.

Уживајте!

Објавено:
20 април 2015
Категорија: 
Бела соба