„Романтична фантазија“ – колекција венчаници 2015 од Наем Кан

15 април 2014

Извонредниот индиски дизајнер Наем Кан ја лансираше новата колекција венчаници за 2015 година и истата совршено ја опиша со два збора – романтична фантазија!

Специјално за презентацијата на новата колекција венчаници, шармантниот дизајнер го претвори своето атеље во магична шума каде прекрасните модели ги презентираа неодоливите креации.

Буквално сите креации на дизајнерот беа апсолутно романтични и нежни, по што впрочем и тој е познат.

Важна улога во целата колекција на Наем Кан овојпат одиграа веловите и неповторливите романтични украси за коса кои што одлично се вклопија во целата приказна.

Конструкциите на моделите се поедноставени, но затоа пак дизајнерот како и досега, така и овојпат се држи повеќе до рачните изработки, апликациите со рустични форми, а во креациите нуди и многубројни светкави рачно извезени мониста.

Во однос на материјалите, дизајнерот овојпат се одлучи за висококвалитетен тул, шармез, богати тантели специјално рачно довезени со светкави камчиња за побогат изглед.

Она што дизајнерот ни понуди во неговата нова колекција се дефинитивно лесни, но апсолутно ефектни креации за современа и уникатна невеста.

Иако и денеска сѐ уште трае трендот на богати и волуменозни венчаници со многубројни украси, Наем Кан нуди една поинаква визија за модерната невеста која сака да се истакне од толпата со својата уникатност.

Во однос на шминката, фризурата и модните додатоци, дизајнерот и овојпат нуди лежерна едноставност, со минимална шминка и нагласени усни, но и собрана и уредна коса со едноставен патец на страна.

Сѐ што треба да направите во овој момент е да се сместите удобно во столчето и да уживате во новите совршенства на Наем Кан и да се инспирирате доколку ви се ближи големиот ден!

Објавено:
15 април 2014
Категорија: 
Бела соба