Конечно се случи она што сите долго го очекуваа! На шестиот ден од њујоршката модна недела во голем дел од колекциите на дизајнерите можеа да се видат бајковити фустани што беа како создадени за на црвениот килим. Во колекциите на Оскар де ла Рента, Вера Ванг, Џени Пакам, Наем Кан и уште неколку други светски дизајнери можеа да се најдат неверојатно блескави вечерни тоалети што и го одземаа здивот на публиката. Но, имаше и такви парчиња за кои не знаеме како стигнале до таму...
Оскар де ла Рента
Одличниот Оскар де ла Рента дефинитивно приреди ревија за паметење. Иако почна со волуменозни палта со ремени за кои веќе знаеме дека ќе бидат вистински хит следната сезона, тој продолжи во неверојатно елегантен дух преточен во шармантните фустани во прекрасни бои. На пистата преовладуваа бежовата, црвената, црната и златната, но и одличната сина. Во неговата колекција можеа да се видат и одлични зимски капути, плетеници во комбинација со пенкало здолништа, елегантни чевли во свежи бои и секако, одличен накит!
Mark by Marc Jacobs
Целта на брендот беше јасна од самиот почеток. Кога Кејти Хилиер и Луела Бартли во мај беа најмени да дизајнираат за Марк Џејкобс, се знаеше дека тие треба да внесат свежина и новитети во неговата колекција. На пистата можеа да се видат девојки кои како штотуку да излегле од скејт парк. Очигледно, нивната цел беше да претстават една поинаква, „лоша“ девојка, и може да се каже дека тоа и го постигнаа. Кулминација на ревијата беа парчињата од уличната мода со спортски моменти – нешто што девојките опседнати со улична мода дефинитивно ќе го обожаваат. Иако во истата немаше нималку доза гламур, која апсолутно му беше оставена на Оскар де ла Рента, сепак новите девојки на Марк одлично си ја завршија работата!
Вера Ванг
Можеби ова беше досега најпрактичната и нослива колекција на одличната Вера Ванг. На пистата таа прикажа парчиња што беа дел од една сосема поинаква, темна романса, спакувани во паметни, носливи парчиња прикажани преку нејзиниот добро познат шарм. Покрај зимските каупти, палта, карирани кошули и здолништа со кои ќе се топлиме следната зима, дизајнерката прикажа и елегантни и луксузни фустани по кои таа е добро позната. Истите беа направени од внимателно одбрани материјали како тантела, жоржет и уште многу други блескави материјали што блескаа од елеганција. Дизајнерката овојпат се одлучи за темни бои во согласност со сезоната есен/зима.
Џени Пакам
Што да се каже за нејзината колекција... Едноставно, сите посакавме фустаните веднаш да се најдат во нашиот плакар. Во колекцијата на секогаш елегантната Џени Пакам беа прикажани фустани инспирирани од 70 – тите, толку шик и со париски дух, што беа остварување на сонот на секоја девојка. Покрај одличните фустани, таа прикажа и романтични плетеници што овојпат ги комбинираше со широки и долги здолништа во свежи бои, но и со класични, елегантни женски панталони во кои веднаш се заљубивме! Она што е повеќе од сигурно е дека сите парчиња многу наскоро ќе ги гледаме кај холивудските диви на црвениот килим!
Маисон Мартин Маргела
Сосема школски и без многу детали, Маргела ја прикажа својата есен/зима колекција на овогодинешната њујоршка модна недела. Комбинезони, кошули, блузи, здолништа и фустани во сосема едноставни бои и без многу луксуз, беа дел од неговата колекција за која многумина посочија дека е навистина одлична. Неговите модели беа самоуверени девојки со борбен дух, што и го покажуваа ракавиците што некои од девојките ги носеа. Она што беше навистина одлично беа чевлите во колекцијата кои претежно се состоеја од чизми над глуждот, но и онакви над колената во секси, црна боја.
Наем Кан
Веќе знаеме дека Наем Кан и црвениот килим секогаш се одлична комбинација. Истото е случај и со неговата последна есен/зима колекција што тој ја прикажа во рамките на модната недела во Њујорк. Моделите носеа одлични и сосема женствени фустани во прекрасни бои како бела, црвена, светкаво црна, кафена, крем и какви уште не. На пистата дефинитивно преовладуваше животинскиот принт, со кој дизајнерот уште еднаш покажа дека жената ја доживува како исклучително храбра и силна. Свила, тантела, реси и светки беа главните моменти во целата колекција на дизајнерот со индиско потекло. Со оваа колекција Кан покажа дека е навистина посветен на неговата работа и дека едноставно ги разбира жените!