NYFW: Помеѓу дизајнерската инвентивност и потребата да се биде забележан

10 септември 2014

На уште само еден ден до крајот на њујоршкото модно лудило Ви ги претставуваме дел од колекциите на реномираните дизајнерски имиња и брендови меѓу кои: Оскар де ла Рента, Вера Ванг, Родарте, Дизел (Black Gold), Marc by Marc Jacobs и колекцијата на американската дизајнерка Џени Пекам.

Оскар де ла Рента остана доследен на романтиката и луксузните креации

Иако њујоршката модна недела е резервирана за „ready to wear“ колекциите, дизајнерот Оскар де ла Рента чекореше по стапките на своето искуство и прикажа колекција во рамките на деликатните кроеви и текстури. Ревијата од почетокот на писта беше  проследена со поедноставни дневни парчиња во нежни пастелни нијанси од кратки шорцеви и топови заокружени со едноставни мантили во пруги и такви со  квадрати, а потоа следуваа класичните комбинации од тесни здолништа споени со кратки болера. Очекувано, деликатноста од модното шоу продолжи со романтични фустани од тантела, бајковити со волуменозен долен дел и дискретни цветни принтови што и овој пат не беа исклучок. Како и повеќето дизајнери така и Оскар де ла Рента за водечки бои од колорната палета ги постави црната и белата.

 

Родарте создаде спој на текстури што ги поврзуваат мажественоста и женственоста

Ако некој успеа да направи комбинација од текстури и стилови, тоа сигурно беа дизајнерките Кејт и Лора. За својата необична модна презентација тие се инспирираа од морски растенија, машките кроеви, бохо и војничкиот фазон. Колекцијата стартуваше со црно-бели комбинации сочинети од лесни транспарентни кошули со карнери, тесни панталони со висок струк и гладијаторки сандали. Презентацијата продолжи со инвентивни слоевити фустани од тантела, пердуви и светкава монтистра кои придонесоа моделите да изгледаат како сирени кои господарат со воденото пространство.

 

 Елегантен рок фазон проследен со боемска кулминација од колекцијата на Вера Ванг

Ретки се дизајнерите како Вера Ванг што создаваат колекции од кои ќе ги посакате сите парчиња. Таков е случајот и со последната пролет-лето колекција за 2015 година која  посебно ќе им се допадне на вљубеничките во рок стилот помешан со елегантни примеси. Храбрата и сигурна жена секогаш ја следат строгите и темни изгледи, а токму такви комбинации  во омилената боја на дизајнерката завладеаја на пистата во Њујорк. Елегантните сакоа, кошули и елеци со специфичен плисиран пеплум одлично се надополнија со кратките и тесни панталони. Иако повеќето очекуваа колекцијата да продолжи во таа насока, Ванг изненади и со широки макси фустани во боемски стил, кои покрај во црна варијанта ги имаше и од цветни транспарентни текстури што на некој начин ја поделија колекцијата на два дела.

Diesel Black Gold

Ѕвездена галаксија во глам-рок универзум

 

Ако минатата сезона, Diesel Black Gold го освоија универзумот со футуристичкиот дизај и металните сјајни нијанси, овој пат од таа тема остануваат ѕвездите кои како принт се доминантни во речиси целата колекција. Фокусот е ставен на глам-рок стилот од доцните 70-ти и раните 80-ти реинтерпретирани во современ израз, преку кратките топови кои се појавуваат и во варијанта на кратки елеци и кошули, споени со високострукирани панталони и здолништа.

Линијата продолжува и со серија кратки фустани кои на половината се потенцирани со ремен, а во континуитет е присутна релјефната игра со кожени детали што повторно асоцира на рокерскиот имиџ од периодот кога тапираните фризури беа во подем.

 

Marc by Marc Jacobs

 „Girls just want to have fun“

 

Дизајнерскиот двоец Луела Бартли и Кети Хилиер преку својата трета колекција за брендот Marc by Marc Jacobs како да испрати „потестна нота“: Тука сме, постоиме! На прв поглед енергичната и младешка колекција, буквално  е со двојно лице: од една страна полна со бои, разиграна, асиметрична и слоевита, а од друга монохроматска, црно-бела и предимнзионирана. Гледајќи ја во целина, прецизна тема во суштина и не постои, нема конкретно значење освен потребата да се биде забележан. Или, можеби значењето единствено може да се пронајде во „новиот свет“ кој дизајнерките претендираат да го изградат, барем почнувајќи со јасните пароли аплицирани на блузоните, блејзерите и маиците: New World System.

 

 Џени Пекам

Женственост во сите нејзини димензии

Британската дизајнерка Џени Пекам, во својата пролетно-летна колекција за 2015 година ја анализирала жената во сите нејзини отмени изданија. Во кројот е нагласена женствената силуета, со потенцирана половина, а колорната карта дури претерано опфаќа широк дијапазон: градацијата почнува од нежни, пастелни тонови, па кулминира со метални, сјајни нијанси и продолжува со потемни и загасити бои, за да финишира со геометриски-флорални принтови. Целата тема е базирана на познатата приказна за Холивудскиот гламур од неговата златна доба, а во позадина се чувствува инспиративното присуство на Мерлин Монро.

 

 

 

 

 

 

 

Објавено:
10 септември 2014
Категорија: 
Колекции