Запознајте ја традицијата на индиските венчавки

26 август 2013

Познати по раскошот и преубавите топли бои, традиционалните венчавки во Индија се како вистинска бајка. Вообичаено траат по неколку дена, а голем број бракови се склучени со цел да се спојат семејства со сличен имотен статус. Невестата и младоженецот по правило не смеат да се видат пред самиот чин на венчавката. Дел од свеченоста е миењето на нозете на младенците, а го изведуваат родителите, што всушност претставува подготовка за новото патување на кое ќе заминат младите.

Ноќта пред венчавката невестата и нејзините другарки се забавуваат на тој начин што ги бојат рацете и нозете на невестата со тетоважи од к’на. Цртањето може да потрае со часови и ја симболизира брачната среќа. Најчесто се бојат дланките, а битно е да биде испишано со ситни букви и името на младоженецот.

Невестата носи сари, традиционална идиска облека во црвена боја, што во Индија ја симболизира бојата на венчавката и љубовта. Освен тетоважите, невестата е накитена со многу накит изработен од најквалитетно злато кое го даруваат роднините. Накитот се носи на целото тело, а највпечатливиот дел од традицијата е носењето голем златен прстен на носот, наречен „nath“, поврзан со ланец кој се закопчува на косата.

Традиционалната венчавка во Индија вклучува и мираз кој е задолжителен. Па така младоженецот од својата невеста добива на подарок автомобил или телевизор и тоа по негов избор. За богатство,здравје и среќа, младиот индиски пар се посипува со ориз,овес и зелени листови. Симбол на бракот е „mangal sutra“, мал златен украс кој се носи на ѓерданот, што младоженецот го врзал околу вратот на невестата.

Уште еден важен обичај е ставањето прав наречен „kumkum“ на челото на невеста што означува крв од некогашните ритуали со жртва кон божицата Дева. Традиционалните венчавки во Индија се раскошни, проследени со пурпурни, златни и црвени нијанси. Цвеќето е присутно на сите страни, од висечки цветни венци до ситни листови на свадбените столици.

Исто така се присутни деталите како слончиња изработени од разни материјали како и пауни. Слонот во Индија е свето животно, носи среќа и претставува мудрост и сила.

Индија е позната по зачините, така да не е реткост на венчавката на гостите да им се даваат малечки теглички и епрувети со разни за оваа земја специфични зачини.

Објавено:
26 август 2013
Категорија: 
Бела соба