Дали сте за едно изобличување со фотошоп?

29 август 2018

Автор: Небојша Толески Најчесто модните магазини ни продаваат фантазија од проста причина што реалноста денес никој не сака да ја купи. Нема нешто лошо во продавањето фантазија, но се додека луѓето знаат дека тaa не е реалност. А како најголем извртувач на вистината за убавината општо познато е дека тоа е токму компјутерката програма наречена фотошоп. Толку многу е распространет и користен што денес и да нема веродостојна модна фотографија па дури и наша на која изгледаме баш такви какви што не сме. Зголемени јаболчници, гради, задници, намалување на облемот на половината, кристално лице, мазен тен, лице без бори... така ги гледаме оние на билобордите, по списанијата, едиторијалите...

Со еден збор, совршени! Нереалната погрешна слика за сето ова со години се пласира и не само во медиумите, туку и во општествoто. Како да стана составен дел од сите кои прикачуваат фотки на социјалните мрежи и изгледаат драстично поразлично во живо. За жал, фотошопот може да предизвика негативно влијание најчесто кај девојките и жените, посебно на младите кои се градат себе си и својот изглед. Се заборава дека голем број на познати ѕвезди во природа не изгледаат така како што изгледаат на некоја насловна страница. Споредувањето со реалноста и фантазијата си го прави своето, а посебно кога некој има ниско мислење за себе и недостаток од самодоверба. Ретуширањето на фотографиите изгледа безболно. Нема пластични операции, ботокси и диети. Сакате друга боја на коса? Нема проблем. Сакате да изгледате затегнати, заносни и повисоки? И за ова нема проблем. Ќе ја добиете посакуваната фотографија со вие на неа, ама дали сте тоа вие? Не, не сте!!! Вие сте прородни такви какви што сте, фотошопот само лажно ви ја храни суетата. Ама пак од друга страна сите го користат, светот замина технолошки многу далеку, а напредните комјутерски алатки овозможија да направите чуда од себе. Сепак, за неговото користење треба знаење. Често се случува да се погреши па да си ја зголемите раката или пак да ги повлечете правите линии на ентериерот кон себе и сето тоа да испадне катастрофално. И кај фотографиите од славните неретко сме го виделе тоа.

Како и да е... Така убаво фотошопирани на „Фејсбук„ и „Инстаграм" сите ви ставаат лајк, ви се восхитуваат, ви делат срцинња, стигнуваат дури и понуди за брак... Дали фотошопирани можете да излезете од дома и да одите на забава, во град, во дискотека, на ручек? Ни тони шминка не можат да ве направат како што може фотошопот. И веднаш се јавува проблем. Не сте совршени како на сликата, нема понуди за брак, вие сте во заблуда и другите околу вас. Нема ништо поубаво да бидеме онакви какви што сме. Такви сме, телото е наше, но можеме да поработиме на него и на духот. Никој нема да ви забележи премногу ако на фотографијата ја изострите бојата, избришете по некоја бора на лицето или дополните со некој филтер. Но, да се замарате со вашата половина и да ја намалите со фотошоп за да изгледа како на Дита Фон Тис, тоа никако. И таа нема баш таква половина каква што ни ја прикажуваат. Значи, не се изобличувајте! Животот не е фотошоп! Има нешто и во убавината на себеспознавањето, во вербата во себе! Важно е да не ја изгубите насмевката. Природноста денес стана ретка, ама е во сите нас ако знаеме да ја истакнеме.

Содржината е личен став на авторот

 

Објавено:
29 август 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.513 пати