Доколку сте обожавател на шоуто на Елен Деџенерис како што е случајот со мене, тогаш сигурно ја погледнавте онаа емисија кога гостин и беше Сем, момче со аутизам кој веќе подолг период е вработен во Старбакс како шанкер.
Неговата фантастична приказна допре до милион гледачи на шоуто, кои ја поздравија одлуката на неговиот шеф Крис да го вработи веднаш откако случајно се запознале. Како што самиот ќе каже, тој конечно ја добил работата од соништата за што не можел да биде посреќен.
Светот имаше можност да го запознае откако неговите колеги поставија видео од него на Youtube како танцува позади шанкот додека ги прави највкусните кафиња во светот.
Во пресрет на Светскиот ден за борба против аутизмот, 2 – ри април, денеска ќе направиме мала паралела до каде е нашето општество во прифаќањето на овие деца во споредба со останатиот свет.
По некоја случајност, во моето семејство имаме среќа (добро прочитавте), да имаме мало слатко момченце со оваа дијагноза чии родители неодамна имаа можност да видат до каде се луѓето во прифаќањето на ваквите дечиња во Македонија.
Во моментите на навидум безгрижна детска игра, сосема случајно и без никаква намера влегло во отворената врата од соседниот стан каде го пречекале и полошо одошто кога имавме сипаници.
Без апсолутно никаква потреба, семејството било во неверојатен шок како кога дома би ви влегле глутница гладни волци. Токму со нивната реакција, по којзнае кој пат се докажа она на што секојдневно сме сведоци – нетолеранцијата и неприфаќањето на сите оние што се поинакви.
Тука би ги додала и оние моменти кога на каса во големите маркети никој и не планира да ве пушти преку ред додека ја гледа вашата ситуација и она со што вие секојдневно се соочувате и сите оние нетрпеливи соседи кои имаат навидум „безгласни“ деца на кои им пречи секој еден повисок тон што доаѓа од кај соседите.
По сето горенаведено, ние и не можеме да очекуваме да се случи македонска верзија на приказната на Сем. Не можеме да очекуваме дека и оние работоспособни деца со аутизам ќе ги видиме во некоја за нив соодветна работна средина, штом уште имаме огромни проблеми со нивно прифаќање.
И додека имав прилика лично да се запознам со едно момче со истата дијагноза кое вредно работеше на аеродромот во еден европски град без никој да го гледа со жални очи, не верувам дека во блиска иднина ќе ми се случи нешто такво тука.
Она на што прво мора да се научиме е да прифатиме дека и покрај нивните проблеми, со напорна работа и поддршка од семејството и општеството, тие деца можат да прераснат во навистина посебни и вредни личности кои заслужуваат еднакви можности како и сите останати нивни врсници.
Доколку сретнете некое од овие прекрасни дечиња на улица, не се осмелувајте да ја свртите главата или пак да го гледате со сожалување, затоа што верувајте дека тие имаат многу што да понудат.
Наместо тоа, застанете и поразговарајте со него и доколку сте во можност, овозможете му да го живее сонот на Сем или само поздравете го. Ќе се израдува многу повеќе одошто било кој друг, а очекувајте и дека ќе пријде и ќе ве прегрне, бидејќи најмногу сакаат да го прават тоа.
Нивните реакции се нешто што мора да се види, особено кога се радуваат, како што беше случајот со Сем кога Елен му подари патување со неговите родители во Јапонија, земја која што отсекогаш сакал да ја посети.
Кога вие последен пат се израдувавте така искрено како што тој го стори тоа? Или пак заборавивте да се радувате од големите проблеми што ги имате?
Запомнете, секогаш радувајте се на она што го имате и прифатете ги луѓето онакви какви што се, бидејќи никогаш нема да ги знаете проблемите со кои пак тие се соочуваат зад вратите на нивниот дом.
Во пресрет на 2 – ри април, ако ништо друго, зголемете го прагот на толеранција за различностите и секогаш кога ќе бидете во можност, пружете им шанса на оние на кои навистина им е потребна, бидејќи тие и најмногу ќе ве изненадат!