РЕПОРТАЖА

Како да го запознаете Истанбул за една недела

12 јули 2022

Турција и нејзиниот прекрасен Истанбул отсекогаш се наоѓале високо на листата на места кои мора да се посетат за патувачи и авантуристи од целиот свет. Овој возбудлив и впечатлив град ги комбинира ориенталните и европските елементи на начин што ќе ве поттикне да сакате го истражувате и да дознаете што е можно повеќе за него.

Основана околу 1000 година п.н.е., некогашната голема престолнина на Византиската империја, Константинопол, по основањето на Турската Република беше официјално преименувана во Истанбул. Градот отсекогаш бил, а и ден денес е истакнат центар на економијата, културата и трговијата, каде трговците, локалното население и туристите од сите различни делови на светот доаѓаат да го искусат егзотичното.

Истанбул е една од најголемите светски метрополи и се протега на два континента, Европа и во Азија преку пространиот Босфорски проток. Па воопшто и не е чудно што Наполеон Бонапарта за Истанбул рекол: „Ако светот беше една држава, Истанбул ќе беше нејзиниот главен град".

Истанбул е познат е по својата богата историја и култура, вкусна храна, неверојатни пејзажи и архитектура која го одзема здивот. Наедно тој е и совршен коктел од стилови како резултат на различните културолошки влијанија, и балансиран микс од современото и ориенталното. Па така, денешен Истанбул е дом на сè од византиски градби и ортодоксни и католички цркви до грандиозни џамии од времето на Османлиското царство; од квартови кои зрачат неодолив грчки, француски и италијански шарм, истакнувајќи го лицето на барокот и неокласицизмот па сè до современа минималистичка архитектура чии стаклени и метални површини ја рефлектираат уникатната убавина на градот.

Па, доколку планирате да го посетите Истанбул за прв пат и немате повеќе од една недела на располагање, овој мал водич ќе ви помогне ефективно да го запознаете духот на градот за кратко време.

Земајќи предвид дека градот нуди сè од импресивни парчиња историја до ултра современи локали и неодолив вкус на модерно живеење, забава и ноќен живот, нашиот предлог е добра организација на времето и истражување на градот освојувајќи еден регион по друг.

 

Започнете од историјата

Најдобра појдовна точка е историскиот кварт Султанахмет во областа Фатих, каде се наоѓаат сите поголеми знаменитости на Истанбул, меѓу кои и прекрасната Света Софија. Невозможно е да поминете низ овој град без да влезете во оваа светски позната византиска градба од 6-тиот век со импресивна купола која ќе ви го одземе здивот. Станува збор за најголемата црква во светот која претрпела неколку трансформации во текот на своето петнаесетвековно постоење - од црква во џамија, од џамија во музеј, па повторно во џамија која сè уште ја красат христијански елементи.

Веднаш спроти Света Софија е паркот Султанахмет во чиј центар се наоѓа прекрасна кружна фонтана, а пак околу кој се лоцирани Амамот на Хурем Султан (кој е сè уште во функција), и Сината Џамија која со своите шест минариња е позната како најголемата и најубавата џамија во цел Истанбул. Влезот во џамиите низ градот е бесплатен и отворен за луѓе од сечија вера, но она што е најважно при туристичка посета на верските објекти е почитување на правилата на верниците: соблекување на чевлите и покривање на главата и рамената доколку сте жена.

Покрај прекрасните џамии кои го красат градот (меѓу кои се бројуваат и Фатих Џамија, Нуруосманлиската и Сулејмановата џамија), незамисливо е да не се посетат и бројните историски објекти и музеи.

Во непорсредна близина на Света Софија ќе го најдете и плоштадот Султанахмет, исто така познат и како Хиподромот на Константинопол, каде се издигаат Обелискот на Теодосиј, Змијскиот столб, Константиновиот обелиск и Германската чешма. Овој регион е и дом на Цистерна Базилика, како и на неколку од најзначајните музеи на Истанбул.

 Влезот во музеите секако се наплаќа, но Istanbul Museum Pass е одлична можност да заштедите, а притоа да добиете влез во 13 музеи и историски објекти, меѓу кои се вбројуваат Археолошкиот музеј, Музејот на Мозаикот од Големата палата, Турскиот и исламскиот музеј на уметноста, Музејот на историјата на науката и технологијата во исламот лоциран во прекрасниот историски Ѓулхан парк, и секако, грандиозната палата Топкапи-сарај - едно од најголемите туристички атракции на градот.

Топкапи-сарај некогаш бил главното седиште на администрацијата на Османлиското Царство во периодот помеѓу 1456 до 1853 година и главното место каде се одржувале државни конференции, совети и забави на султанот. Комплексот во кој некогаш живееле повеќе од 4000 луѓе е поделен на четири дела или четири дворови со голем број на помали објекти како на пример џамија, болница, пекарница и ковачница. Палатата беше претворена во музеј во 1923 година и денес објектот е дом на непроценлива колекција на споменици и уметнички дела. Bo 1985 година, УНЕСКО ја вклучи палатата во списокот на светското и културно наследство на Турција, како најдобар пример од комплекси изградени во времето на Османлиската Империја.

 

Чаршиите на Истанбул: Мозаик на бои, вкусови и мириси

Но и покрај бројните историски локалитети, се чини дека најдобар начин да се почувствува автентичниот дух, историјата и традицијата на Истанбул е низ тесните улички каде различните стилови во архитектурата се прелеваат еден во друг и каде метежот и преплетувањето на сите јазици и акценти се секојдневие за локалецот, но незаборавно искуство за странецот. Овде симитот, донерот, дурумот, лахмаџунот, менеменот и шиш кебабот се највкусни, а нивниот мирис кој се шири низ лавиринтот од сокачиња прави да ви закркорат цревата, за веќе на следниот чекор да ве пречека традиционална слаткарница каде нема да ѝм одолеете на баклавата, локумот, кадаифот и ќунефето.

Но доколку сакате да си купите шармантен сувенир кој вечно ќе ве потсетува на ова патување, или пак некое традиционално парче облека и накит со пристапна цена, упатете се кон еден од најголемите и најстарите покриени пазари во светот - Капали чаршија, сместена во 12 основни згради која дневно ја посетуваат до 400.000 посетители, додека пак во Египетската чаршија ќе најдете автентични турски десерти, кафиња, чаеви и зачини кои љубезните продавачи совршено ќе ви ги спакуваат за на пат.

 

Бескрајната палета на бои во Балат

Од оваа страна на Златниот Рог се наоѓа и бајковитата Балат, позната како најколоритната населба во градот, изградена на стрмни ридови дозволувајќи ѝм на куќите гордо да ги истакнат своите јако бојадисани фасади во сите нијанси на розова, сина, зелена, жолта, портокалова, виолетова и тиркизна боја. Дрвените куќарки, шарените кафулиња, рестораните со вкусна храна, фасцинантната зграда на грчкиот колеџ „Фенер", бројните христијански цркви и еврејски синагоги, ја прават населбата Балат една од најнеодоливите локации во Истанбул која не смее да се пропушти.

Мултидимензионалниот шарм на Бејоглу

Но доколку го преминете Златниот Рог преку Галата мостот ќе преминете на страната каде се наоѓа истоимената населба во чиј центар се издига 66.90 метри високата средновековна Галата Кула, некогашен затвор кој денес е еден од најпопуларните туристички атракции и видиковци со импресивен поглед од 360 степени кон Истанбул и Босфорот.

Галата се наоѓа во модерната област Бејоглу, која исто така е и дом на регионот Караќој (една од најстарите и најпознати историски населби на градот, како и и важен трговски и транспортен центар во Истанбул); прекрасната Црква Свети Антониј Падуа од 1725 година; музејот на восочни фигури „Мадам Тисо", како и булеварот Истиклал по чија трикилометарска должина поминуваат црвените трамваи ставени во функција пред повеќе од 90 години.

Истиклал е познат по бројните продавници, ресторани и бутици во кои ќе најдете луксузни брендови. Булеварот никогаш не спие, а дури и во неработните денови го посетуваат по 3000000 луѓе. Се наоѓа во близина на најголемиот и најпознат плоштад во Истанбул, Таксим, во чиј центар се издига споменикот Џурумхуриет Анити посветен на формирањето на Турската република во 1923 година.

 

Заслепувачката убавина на „Турскиот Версај"

А кога веќе сте дошле дотука, не смеете да заминете без да го посетите Долмабахче сарајот. За да стигнете дотаму ќе треба да ја поминете модерната населба Бешикташ во која виреат продавници, ресторани со вкусна храна и современи клубови, како и прекрасната Џамија Ортаќој изградена помеѓу 1854 и 1856 година врз урнатините на палатата Џантемир. Нејзините архитекти, таткото и синот Гарабет Балјан и Нигоѓајос Балјан ја дизајнирале во нео-барокен стил за да соодвествува со палатата Долмабахче, исто така нивен дизајн.

Дворецот Долмабахче кој денеска служи како музеј се наоѓа на европскиот дел на градот во реонот на Бешикташ. Овој објект бил изграден во времето на османлискиот султан Абдул Меџит I. Палатата е позната како „Турскиот Версај" заради својата елеганција и раскош. Комплексот го сочинуваат Џамијата Долмабахче, Саат кулата, Харемот, Кристалниот павиљон, Музејот на часовници, градините и грандиозните декорирани порти: Султанската, Трезорската и Босфорската порта, која како што и самото нејзино име сугерира, гледа директно кон синилото на Босфорот.

Не си заминувајте дома без да крстарите

Но не постои подобар начин да се почувствува убавината на Босфорот од крстарење. Постојат повеќе компании со кои можете да одите на крстарење, па одберете ја онаа со која сметате дека ќе ги видите најважните знаменитости, вклучително и оние од Азискиот дел на Истанбул. Со Hop on-hop off турите ќе можете да ја вудите тврдината Румели, паркот Емирган каде се наоѓа и Музејот на лалињата, палатата Ќучуксу и Беглербегофскиот дворец, како и легендарната Момина кула.

 

Дополнителни активности

За дополнително да го зачините вашето патување во Истанбул посетете и дервишко шоу; пробајте автентично наргиле; посетите и некои од современите музеи како Музејот на илузии, Центарот „Леголенд", Музејот на играчки и минијуатури и посетете некој од импресивните аквариуми, како што е аквариумот „Флорија" сместен до истоимениот трговски центар.

И секако, обидете се да резервирате и бродско патување до Принцевските Острови, архипелаг од девет острови кои се наоѓаат во северозападниот дел на Мраморно Море и јужно од Картала и Пендик. Најпознат и најголем од островите е Бујукада, на кој се забранети секаков вид на возила освен велосипеди и кочии. Бујукада е најпрефериран од сите 9 острови поради прекрасната природа, густи шуми, музеи, ресторани, како и мистериозните остатоци од контроверзното и напуштено грчко христијанско сиропиталиште Принкипо (1903 - 1964) кое важи за најголема дрвена зграда во Европа и втора по големина во светот.

Доколку ви се чини дека ова се премногу локации да се посетат во рок од само седум дена, не грижете се. Испробано е и потврдено. Со добар менаџмент на време и транспорт ќе го видите сето ова, а можеби и повеќе. Но доколку не сакате или не можете да постигнете, не се оптеретувајте. Каде и да одите важи истото правило - уживајте во моментот и дајте му шанса на традиционалното и локалното. Само така ќе си заминете дома со позитивни спомени.

Фото: Ирма Башеска Ристовска - Инстаграм @irmabasheska

Објавено:
12 јули 2022
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.875 пати