Љубов! Велат не била во мода!

17 ноември 2015

Овие денови низ мислите ми мина една одамна длабоко запечатена драга слика, силна импресија од детските дни-венчалната кошула на мојата баба.Преубаво парче облека , потполно рачно изработено со најфино нежно ткаење, облагородено со свила и украсено со суптилна, рачно изработена тантела нежна како пајажина. Едно од најубавите нешта што ги имам видено , парче од кое бев маѓепсана и кое постојано сакав крадешкум да го облекувам, а што се подразбира - најстрого беше забрането.

Тогаш, сосем јасно не можев да го разберам тоа и залудни беа сите мои настојувања и најслатко упатени молби, да ја облечам барем еднаш, зошто во тој момент тоа беше едноставно, ултрамодерно, а згора на се –уникатно. Мојата баба, инаку кротка и кон своите внуци поптполно упатена душа, не попушти ниту еднаш во својот ригиден став, и добро паметам, тоа беа единствените моменти кога ликот и заземаше строг израз. Денес,веќе добро знам зошто. Беше тоа руба што се облекува само два пати во животот: првпат во првата брачна ноќ и втор и последен , за навек, за патот кон вечноста. Таму каде што ја очекуваше повторната средба со саканиот. Малото пришиено парченце ткаенина , отсечено од неговата венчална кошула, требаше да биде сигурност дека таму ќе се препознаат. Предаденост за восхит, љубов што го одзема здивот, приказна денес изгонета од реалноста, но и стопроцентна симболичка есенција, исцедена од само едно парченце ткаенина.

Егзистенција несфатлива и несоодветна на ова ново време исфилувано со некои поинакви вредности и предадено на некои нови искривени симболики, најчесто за една употреба. Неважни и ефемерни, блуткави, обезличени и упатени единствено на потикнување негативни емоции- од љубомора и завист, па се до најниските можни страсти. Искреирано, исфабрикувано и спакувано директно за панаѓурот на суетите. Љубовта тука повеќе ја нема-велат не била на цена!

Во спомен на мојата мајка, плодот на таа љубов, која сега е со нив .

Снежана Сани Богдановска

Објавено:
17 ноември 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
2.187 пати