Приказната зад розовата панделка...

20 октомври 2015

Октомври е месец посветен на ракот на дојката. Секој октомври, засилено се пропагираат кампањи за подигање на свеста кај жените, па и мажите, за препознавање, превенција и соочување со оваа честа болест. Секој октомври е обоен во розово.

Македонија сè уште нема официјални податоци колку жени се заболени од рак на дојката. Но, како и речиси сè друго, ќе помине октомври и повторно  розовото се претвора во црно. Сè се сведува на по некоја организација и на индивидуалната борба со ракот и со самите себе. После октомври речиси и да не слушаме за тоа што значи да се бориш со оваа болест, ќе прочитаме по некоја статија во рубриките за здравје како рано да го откриеме ракот, како правилно да го извршиме само-прегледот... Но, повторно, како речиси и сè друго, октомври е инцидентен. И сигурен. Во ноември веќе се заборава на октомври. И во декември, и во мај, и во август...

Ние овој октомври решивме да се позанимаваме со значењето на розовата панделка. Знаеме ли зошто е розова? Што е симболиката? Кога се појавува? Некому можеби и не така важна информација, ама ако одлучите да ја носите, ако сакате да дадете поддршка, или едноставно да разговарате на оваа тема, тогаш барем да знаете што се крие зад неа...

Уште од самите почетоци, розовата панделка, која се поврзува со свеста за ракот на дојката наидува на контроверзии. Денес, некои членови на движењето гордо ја носат, други ја мразат. Но, за повеќето ширум светот, панделката е знак за движењето на ракот на дојката.

Мешањето на панделката и симболизмот доаѓа како резултат на два големи чекори.  Првиот е  од 1979 година, кога Пени Лејнген, сопруга на заложник однесен во Иран, инспирирана од песна, врзува жолти панделки на дрвјата во нејзиниот двор. Како пренесуваат тогашните американски медиуми, панделките ја означувале нејзината желба да го види сопругот повторно и тој да си дојде дома. Тоа е првпат кога панделката станува медиум, порака. Жолтите панделки се прошириле низ целата држава, како знак на поддршка и солидарност.

Вториот голем чекор се појавува 11 години подоцна, кога AIDS активистите се осврнуваат на ново значење на жолтите панделки.

„А што е со нашите мажи што умираат овде дома?“, ќе кажат тие. Активистичката уметничка група Visual AIDS ја обои жолтата панделка во светлоцрвена, со објаснување дека црвената е боја на страста. Како таква се најде и на националната сцена, за време на доделувањето на Тони наградите, а ја носеше актерот Џереми Ајронс.

Џереми Ајронс

Така, панделката станува симбол на секоја добротворна цел. За кратко време, панделките стануваат толку распространети, што The New York Times ја прогласи 1992 година за „Година на Панделката“.

Тоа беше одлична подлога за развивање и на панделката за ракот на дојката.

Прва на сцена стапува Фондацијата за рак на дојка на Сузан Комен. Таа им делеше розови панделки на преживеаните од ракот на дојката, кои исто така учествуваа во Трката за лек, која почна да се практикува од 1990-тата. Есента во 1991 година, неколку месеци после појавувањето на Ајронс, фондацијата ги даваше панделките на сите учесници и во трката во Њујорк. Ова е првата употреба на розовата панделка, иако за Комен тоа беше само детаљ во една поголема и многу поважна приказна на и од трката. За навистина да го привлече вниманието, розовата панделка имаше потреба од настан, каде ќе биде во центарот на вниманието.

Александра Пени, уредник во Self Magazine

За тоа не требаше да помине многу време. Во почетокот на 1992 година, Александра Пени, во тоа време главен уредник на Self, работи на дизајнирањето на бројот на магазинот кој втора година по ред беше посветен на Месецот на ракот на дојката. Трудот од претходната година, ја инспирира и ко-уредничката Евелин Лаудер и еден од столбовите на козметичката компанија „Есте Лаудер“, која и самата ја водела битката со ракот на дојката и успеала да го победи. Мислите одеа во насока како да се направи повторно и подобро. Потоа Пени дојде на идеја да креира панделка, пришто ќе ја придобие и помошта на козметичкиот гигант кој ќе ја дистрибуира во продавниците ширум Њујорк. Евелин отиде и чекор понатаму. Таа наложи панделката да се стави на сите козметички пултови ширум земјата.

Евелин Лудер

-Знаете како е кога работите се во воздух... Една недела подоцна Лиз Смит пишуваше за жена која веќе изработува панделки во боја на праска токму наменети за рак на дојка – се присетува Пени.

Таа жена беше 68-годишната Шарлот Хејли, внука, сестра и мајка која се изборила со ракот на дојката. Нејзините панделки во боја на праска рачно ги изработувала во нејзиниот дом, во трпезаријата. Сетот од пет панделки што го правела одел со картичка на која пишува: „Националниот институт за рак има годишен буџет од 1.8 милијарди долари, а само пет проценти одат на превенција од канцер. Помогнете ни да ги разбудиме нашите законодавци и Америка со носење на оваа панделка“.

Шарлот Хејли

Хејли ги раздавала картичките во локалните супермаркети и им пишувала на истакнати жени, на сите, од поранешни Први дами, до актуелни. Нејзината порака се ширела од уста на уста. Хејли дистрибуирала илјадници такви картички, а следел и повик од магазинот Self.

-Ѝ рековме: „Сакаме да бидеме дел од ова што го правиш. Ќе ти дадеме национално внимание, не сакаме ништо за нас – вели Пени.

Но, Хејли не сакала да се здружи со нив, со образложение дека се премногу комерцијални.

Кон крајот на септември во 1992 година, новинарката Лиз Смит повторно пишува за приказната на Хејли. Таа пренесе како компанијата Есте Лаудер имала проблеми при остварувањето на соработка со Хејли и како Self магазинот сакал таа да им го препушти концептот за панделката.

-Не сакавме да ја истуркаме, но навистина сакавме да ја работиме панделката. Ги прашавме адвокатите и тие ни рекоа: „Направете ја во друга боја“.

Розова.

Но, следеле уште многу други нешта што требале да се изберат.

-Постојат многу облици и нијанси, но ние ја одбравме стандардната розова. Тоа е убава пастелна розова, која не изгледа како испрана или како пудра. Тоа е една од нашите најпродавани бои – вели Ели Шнајдер, заменик претседател на односите со јавност на Оffray, задолжени за изработка на панделката.

 

Според раскажувањето на Александра Пени, Есте Лаудер биле задолжени за сите одлуки поврзани со производството, а неа ѝ биле оставени публицирањето на промоцијата и уредувањето на придружниот број на нејзиниот магазин.

-Розовата е суштинска женска боја. Весела, го слави животот. Ние имаме студии кои покажале дека оваа боја има смирувачки ефект, го намалува стресот. Пастелната розова е нијанса што се поврзува со здравјето. Не можете да ја поврзете розовата со лоша работа. Со други зборови, розовата е сè што ракот евидентно не е – вели Маргарет Велч, директор на Color Association of United States.

Есента во 1992 година, со декоративната козметика на Есте Лаудер се поделени преку 1.5 милиони панделки, секоја пропратена со картичка со упатство за само-преглед на дојките. Исто така, успеаја да се соберат и преку 200.000 розови панделки во знак на петиција, со која ургираа во Белата куќа да го зголемат фондот за истражување на оваа болест.

За помалку од една година, панделката во боја на праска на Шарлот Хејли беше минато.

Во исто време, розовата панделка станува национален симбол, кој почна да се шири и надвор од границите на САД, а кон ширењето на свеста за оваа болест се приклучија и познати брендови како „Рибок“ и „Авон“.

Со помош на „Авон“, а подоцна и „Фондот за истражување на ракот на дојката“, розовата панделка се изработува од други материјали, односно се прави и брош кој можат да го носат и мажи и жени.

Денес, преку 100 компании се инволвирани во кампањите за ракот на дојката.

Оние што не ја носат панделката најчесто се со ставот дека сè е премногу искомерцијализирано и низ призма на профит.

Но, на страна таквиот став, суштинско е колку ние навистина знаеме за оваа болест и каков став имаме спрема неа? За жал е една од најраспространетите, и ако сте од оние што мислат дека нив нема да им се случи, размислете уште еднаш! Освестете се, информирајте се, едуцирајте се, прегледувајте се! 

И запомнете: Октомври е во текот на целата година!

Објавено:
20 октомври 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
753 пати