Следната година... дајте си шанса

27 декември 2022

И така, еве сме пред крајот на годината. Ситно ги одбројуваме деновите кога ќе посакаме да заборавиме на многу нешта.

Прво, на секој стресно поминат ден, на секоја солза, на секоја караница што не извадила од колосек, на секоја неправда пред која сме биле немоќни, на секој недовршен проект на секоја испуштена шанса...

Добро е, барем ќе се обидеме да ги фрлиме некаде во заборав лошите спомени и ќе се оправдаме дека тоа помина, тоа беше лани, нема повеќе да се случи. Ќе си посакаме само убави нешта со надеж дека некако, од некаде ќе ни се случат.

Сигурно многу пати сте го слушнале и прочитале тоа дека секоја нова година е нова шанса за сите. Јас би рекла не само новата година, туку секој нов ден треба да си даваме шанса. Кој друг ако не ние самите? И покрај тоа што не би сакале да признаеме, ние сме креатори на тоа што ни се случува.

Затоа навистина, ама навистина во следната година да си дадеме шанса и да престанеме да ги обвинуваме другите кога нешто нема да ни оди од рака.

Нека биде тоа шанса за... повеќе насмевки, зошто никој не сака да гледа намуртено лице.

Шанса за поголема верба, зошто без верба никаде нема да стигнете. Верба во себе и во добрината на останатите.

Дајте си шанса за пријателство. Не вртете грб ако некој сака да ве запознае подобро. Не знаете што се може пријателството да ви понуди.

Шанса за љубов. Оставете ги сите минати разочарувања и не се лишувајте од најубавото чувство на овој свет.

Шанса за поздрави навики. Не од утре, од денес започнете да вежбате, да јадете поздрава храна, да го практикувате она што му годи на вашето тело.

Шанса за смели подвизи. Ако многу му ја мислите, возот ќе отиде. Направете го чекорот.

Шанса за учење на нови нешта. Колку повеќе работи знаете, толку подобро. Жедта за учење не смее да згасне.

И сега ќе се прашате која сум јас да ви кажувам за давање на шанси... Никој посебно, само некој што си даде шанса пред некое време и не зажали.

Некој што подолго време не се одлучуваше ама баш на ништо и чекаше добрите работи да паднат од небо.

Е, не било така. Не треба многу размислување, треба дејствување. Сега барем знам дека нешто убаво се случи кога решив да си дадам шанса.

Се случи ново место, нови луѓе, убава атмосфера и многу насмевки... И да ако не си дадев шанса, немаше да можам ни да го напишам ова и да им порачам на сите – Следната година знаете што треба да направите!

Среќни празници!

Објавено:
27 декември 2022
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
279 пати
Тагови: 
следна година