Ви пречи девојката на Кијану Ривс?

7 ноември 2019

Во коментари под информацијата за девојката на Кијану Ривс со која тој неодамна се појави во јавноста, а притоа предизвика различни рекации, меѓу другото прочитав: „изгледа како кловн од циркус" и „баба"... Секако, имаше и низа позитивни коментари како поддршка за парот, но ќе се задржам на оние коментари што изразуваат некаков револт.

Зошто ви пречи?

На кого сте гневни?

Зарем не зборуваме постојано дека со глобализацијата, се изгуби индивидуалноста и толку скапоцената лична автентичност на секоја единка, па сме во постојана борба со униформираноста и едноличноста?

А најчесто, публиката во широк контекст, ракоплеска на тоа и ги поддржува веќе очајничките обиди да се остане верен на самиот себе и да се оддолее на искушението да се претопи во масата.

И наеднаш имаме пример што излегува надвор од холивудските стандарди, па истата таа публика која е гласна и гладна за различност, покажува некакво гневно, јадно лице и со гадење коментира за партнерката која е личен и легитимен избор на актерот.

Сосема е небитен фактот дека уметницата Александра Грант, изградена и созреана во секој домен, има 46 години, каква е бојата на нејзината коса и очи, дали изгледа постаро во однос на својата возраст итн. Небулози...

Битно е што актерот, кој долги години се бореше со депресија, на фотографиите со неа изгледа среќно! Неговата насмевка изгледа вистинска! Човекот нашол партнер што му донел светлина. Конечно, целиот свет се радува на насмевката на еден од најскромните, најнетпичните, а истовремено најпопуларни актери во Холивуд.

p.s Дали ќе бевте среќни ако неговиот избор беше долгонога манекенка 20-30 години помлада од него? Не верувам. Среќата побарајте  ја свртени кон себе и оставете го Кијану да биде среќен со сопствениот избор.

Објавено:
7 ноември 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
9.492 пати
Тагови: 
Кијану Ривс