Возете се во свој стил

12 септември 2018

Автор: Небојша Толески Ретко се возам со градски автобус бидејќи имам фобија од гужви. Сакам да пешачам и не ми е тешко. Се е до навиката. Но, најчесто кога шетам поминувам покрај автобуските постојки. Галама, многу луѓе на едно место, некои нервозно го чекаат автобусот, а некои со слушалките во уши си се релаксираат со музика. Секој со своето. Покрај она познатото „сите некаде брзаат", тука навистина стојат. Она што секогаш ме воодушевува се прекрасни девојки кои многу урбано и модерно облечени си го чекаат превозот. Сум видел разни профили на личности дотерани многу вешто, паметно и со стил. И никој од нив не се срами што се вози со автобус. А, треба ли да се срами? Девојки и жени кои внимаваат и во автобус што ќе облечат, косите убаво средени, убаво усогласени чевли и чанти... Сите тие биле некаде и од некаде се качуваат во автобус, но нивниот осет за убавото не ги колеба да се возат со она што им е на располагање. А, дали знаете дека токму таквите и токму тие на автобуските постојки во големите светски метрополи се честа инспирација за дизајнерите?

Нивните соработници и стилисти за да му понудат што подобра инспирација, ги скенираат толпите пред постојките, ги сликаат и сето тоа може да послужи за една луксузна ревија. Да, обичниот народ свесно или несвесно облекува и комбинира разни стилови од различни временски епохи, вметнува нешто ново и за некого сето тоа е интересно и инспиративно. Неретко се случува да се украде идеја од традиционална носија како што тоа го направи „Диор" со романската носија, a едно време на Долче и Габана токму уличната мода па и онаа на постојките им беше главен таргет за нивната колекција. А има и момчиња или мажи кои во одела исто така се возат со јавен превоз кај нас. Баш се кул, како од некој голем европски град. Токму во таквите големи европски метрополи скоро сите го користат автобусот или метрото или велосипедот. На секој му е приоритет да си ја заврши работата и да си замине дома или на друго место и секако дека нема да се пресоблече ако се вози со автобус. Овде се уште постои дилема дали да се возите со автобус или со хелихоптер низ градот. Демек ако се возиме со автобус не сме „фенси". Такви приказни не заслужуваат внимание.

Бркајте си работа, возете се со што сакате и сето тоа правете си го во свој стил. Од кај да знаете, можеби токму вие ќе бидете инсирација за нова колекција на некој дизајнер.

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
12 септември 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
384 пати