Приказни од градот

Горазд Kenny: Дечкото кој ги расположи скопјани со поезија во автобус

23 април 2021

Во автобус неретко сме сведоци на намуртени лица, на уморни експресии, на патници кои секојдневно се возат, а не се познаваат, на понекој невкусен настан, на остри зборови, на критики и муабет за политика. 

Но, меѓу секојдневните патници обвиени во своите грижи и фрустрации, еден убав ден, во автобусот со број 41, стапна Горазд Китановски Kenny- млад поет со уметнички ентузијазам и глава полна идеи. 

Тогаш, среде градското сивило, човековата монотонија и клацкањето по скопските улици, почна на глас да чита поезија од својата последна книга. Намуртените лица станаа насмевки, пофалните зборови се измешаа со аплаузот, а Горазд, со сигурност излезе од својата конфорна зона и ги турна границите на своето постоење. 

Разговаравме со него - за храбриот чекор, за неговите моментални чувства, за идните планови.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Gorazd Kenny (@gorazdkenny)

Публиката по социјалните мрежи, а и онаа која најчесто се вози во автобус 41, имаа можност да те запознаат како дечкото кој чита поезија. Кој е Горазд Китановски во неколку стихови (накратко)?

“Љубовпитен.”

Тоа е најкратката песна што некогаш сум ја напишал хахаха. Еден збор некогаш е можеби доволно да и цели светови опише. Љубовпитен. Тоа е и името на следната книга што ќе ја објавам. Напишана е.  Не знам кога точно ќе излезе, не се разбирам во време.  Да се вратиме на стиховите. Овој пат повеќе од еден збор.

Искористи го гласот за добро,
ја поседуваш магијата
да азбуката како милуваш ја обликуваш.
Не случајно се вели spellинг, нели?
Јазикот е оружје,
испукав со peaceтол,
љубовпитен wordacholic,
светоглед ко Stoic,
секој ден е нов живот,
24 часа како story.
Вечно трагам по љубов и емоции
наивно преведувајќи ги во зборови,
Heartist,
кој истура срце на heartија.

Не знам,  зошто е тешко е да се опишеш самиот себе? Дали дека доволно не се знаеме? Или се плашиме да не погрешно се претставиме. Како Alan Watts што вели, не можеш да си ги гризнеш забите хахахах..  Леле, ти кажав.. Проблематични ми се пишани интервјуа. И секој пат во секое интервју го користам истиот ист говор, т.е изговор. На почеток само, дур да се опуштам хахах. Парадокси. Обожавам да пишувам а не сакам да пишувам,  интервјуа, или на инстаграм, или  мејлови, или било каде, освен во тефтер.

Се претставив? Немммммам претстава.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Gorazd Kenny (@gorazdkenny)

Читањето на поезија во автобус беше твоја идеја за промоција на најновата книга Бетер Times. Зошто го одбра ваквиот начин и зошто токму  автобусот како сцена?

Појма неам искрено. Обожавам да влегувам во неконфорни ситуации (и будам насмевки – како свои, така и туѓи, кога ќе согледаш дека сме едно, никогаш повторно никому – не ќе судиш). Поведи ја на танц имагинацијата. А  не мора да имаш па којзнае колкави танцови способности. Само мрдај. Следи ритам. Не грижи се за чекорите. Водејќи се по таа филозофија, некако залутав во создавање на можеби чудни, неконвенцијални работи. Рачно напишана книга (Бетер Times), перформанс во автобус, создавање на книга која нема автор, спамер за позитива...

Да се вратиме во автобусот. Порано (како којзнае колку стар да сум  јас – “ееее во мое време во автобус, абе журка било... денес децава, сите на тоа телефоните хахахха) Порано навистина автобусите беа некако погласни. По живи. “Малце галама, енергија, добро ќе ни дојде” Тоа мислам дека беше идејата родилка. Галама, енергија и конекција. Допирите ни се скратени. Мораме да најдеме нови начини на конекција. Сите сме заедно во оваа пандемија. Овие нови времиња. Мора да се потсетиме дека не сме сами. Заедно сме во ова.  Не си сам/а, те молам запомни го тоа.

Која е главната инспирација во Бетер Times?

Скопје, млади, љубов, луѓе, свет, Марседонија, човек, сон, оптимизам, дете, небо, ѕвезди. Ве охрабрувам да ја прочитате. Чудна е книгата. Интересна е. Брзо се чита. Ти “прави убаво” дур ја читаш. (други така ми кажале).

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Gorazd Kenny (@gorazdkenny)

Какви беа твоите очекувања за реакциите на публиката, кога прв пат реши да читаш поезија во автобус? Дали се разликуваа очекувањата со висинската реакција на луѓето?

Многу работи ги правам интуитивно. И не размислувам два пати пред да ги направам (не знам колку е тоа паметно искрено) а истовремено и ги премислувам и замислувам (жива контрадикторност). Кога се качив во автобус, се однесував како се да е најнормално, како луѓето да чекаат да станам и да перформирам.Во мојата глава перформансот веќе се имаше случено.  И добро помина (мораш да си го правиш филмот, добрата работа во овој живот е што ти си и актерот и режисерот и сценаристот).  Реакцијата во автобусот (за одење) беше неверојатна. И аплауз дури добив ^_^. За враќање имаше измешани енергии (што е сосема разбирливо, некој си се враќа од работа, којзнае колку е изморен и уште врв на се – на пат накај дома да треба да слуша некој како “замара со поезија”).  Супер помина како и да е, преживеавме, сите :D.

Кој е најубавиот коментар кој си го добил/прочитал за овој твој чекор? Какви беа твоите чувства по првото читање?

“Фала ти што постоиш” би го одвоил како најубав комплимент што можеш да го дадеш или добиеш.  Љубовпитен сум. Кој е вашиот најубав комплимент што сте го добиле? Или што би сакале да чуете како комплимент, коментар за вас? Пишете во коментар, било каде и да е објавена статијава. Инаку, секој коментар ми е најубав. Секој коментар значи дека некој одвоил и инвестирал време да сподели дел од себе со тебе. Дури и emoji да биде само коментарот. Дури и негативен. Дури и лајк да е само. Што и да е. Поздрав на улица. Што и да е . И најмалиот акт, значи цел UNIVERSE.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Gorazd Kenny (@gorazdkenny)

Како според тебе, поезијата го менува светот? Зошто токму поезијата ја одбра како свое средство за изразување?

Може со песна да одговорам?

Еден човек
може да го промени светот.
Само еден човек може да го промени светот,
барајќи го немо,
човекот... што ќе го промени светот.
Дали би го променил ти него?
Дали воопшто би го променило него нешто?
Прашувам...
И за човекот... и за светот,
и за се во него.

Сите ние го менуваме светот. На овој или оној начин. Помалку, или повеќе. Дури мислам дека честопати се потценуваме, колкава моќ поседуваме. Во сите нас се пишува поезија. Единствено треба да го најдеме начинот како да ја искомуницираме. Сите ние, сме родени за да го направиме светот поубаво место за живеење. Доволно е да се сакаме самите себеси за почеток. После да ги сакаме другите, да го сакаме светот – е премногу лесно.

Може ли да ни кажеш нешто повеќе проектот НИЕ, кој накратко го најави на Facebook?

Кои сме ние? Кој сум јас? Кој си ти? Дали навистина сме толку различни? Или сме збир на разлики? Разлики на сличност? Понекогаш градов го доживувам како една личност.  “Ние” e колективно-поетска иницијатива која има за цел да охрабри . Ова е можеби најинтересниот а и најексперименталниот проект кој го имам започнато.. Што се случува? Цел град, заедно, пишува една книга. Без разлика на возраст, пол, социјален статус или националност. Сите. Замисли во една книга да имаш емоции од  деца, пензионери, млади,  “уличари”, музичари, професори, зависници, бездомници, директори. Секаков тип на луѓе. Цврсто верувам дека секој носи некаква приказна. Ниедна животна приказна не е за потценување или исмејување. Сите имаме нешто да кажеме. Можеби некогаш само треба да се охрабриме. Досега имам собрано навистина интересни зборови и песни. Целиот процес го документирам и наскоро ќе биде објавен документарен филм и книгата. Којзнае каков ќе биде крајниот продукт. Верувам дека ќе блеска испреплетени сурови убавини.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Gorazd Kenny (@gorazdkenny)

Дали и во иднина планираш да ги забавуваш, орасположуваш и воодушевуваш скопјани, читајќи поезија во автобус?

До крајот на животот планирам да го правам ова.  Да бидам гласник на убавото. На светлото. На позитивното. Не само во автобус. Било каде.  Секогаш. Секаде. Не мислиш дека ни фалат “Весели вести”? Гласови кои ќе не потсеќаат дека животот е убав? Сите сме презаситени од пост-апокалиптични изјави. Бројот на мртви од корона кризата е многу поголем. На ТВ ги кажуваат само оние кои заминале од овој свет но не и оние кои се уште се тука а заборавиле да живеат. Време е да станеме погласни за некои фундаментални работи. Како среќа, љубов, емпатија, ментално здравје.

Објавено:
23 април 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
657 пати