45 години од легендарното лето 69-то на Вудсток

15 август 2014

На денешен ден пред 45 години, одржан е еден од првите музички фестивали во време на хипи движењето. Тој 15-ти август во Њујорк фестивалот го носи слоганот „Водиме љубов, а не војна“ и е еден вид протест за војната во Виетнам. Организаторите очекувале 50 илјади луѓе, но дошле 500 илјади, постоел и објективен страв дека ќе се случи хаос, посебно поради дождот, но катастрофата била избегната. Сепак, пет луѓе починале, дел од предозирање, дел биле прегазени. Во текот на тридневниот фестивалски хаос се родени и две бебиња. Вудсток ќе остане запаметен во историјата како фестивал на хипи- дижењето и собирот на млади луѓе кои веруваат дека музиката може да го промени светот и да го направи подобро место за живот.

 

За оние што се родени подоцна или во тој период биле премногу млади, Вудсток означува сцена на која настапиле некои од најголемите имиња на рок музиката во тоа време, на чело со Џими Хендрикс кој ќе остане запаметен по изведбата на американската химна во своја верзија.

Фестивалот со својот фотоапарат го овековечил фотограф од магазинот „Rolling Stone“, Барон Волман чии фотографии неодамна беа изложени во Лондон.

Снимен е и документарец насловен „Три дена музика и мир“ во режија на Мајкл Вејдли со помош на Мартин Скорсезе. Во 1994 и 1999 година одржани се две изданија на Вудсток, а се бара локација каде во 2019-та ќе се случи 50 годишнината од големото музичко случување.

 

Инаку, во однос на модата на Вудсток од 60-тите ја карактеризираат хипи-бохо парчињта како ѕвонарките, елеците, етно мотивите, кафтаните со цветни принтови и секако ресите кои се најпрепознатливи за тој период. Секако, нема да го заборавиме и легендарното бело палто со реси на маестралниот Хендрикс, по кое остана најзапаметен, а го носеше токму на сцена од тоа лето 69-то на Вудсток.

 

 

Објавено:
15 август 2014
Категорија: 
Култура