Аплауз за Анче Џамбазова!

30 септември 2015

На 30 септември 1997 замина една од најплементитите актерки на овие простори, добродушна, питома, со гласна насмевка, бард на нашето глумиште - Анче Џамбазова.

Безброј театарски улоги и една недовршена во „Кројач за дами“, се повлече од пробите кога веќе навистина ѝ беше претешко.

Кога ќе го гледате „Мирно лето“  во режија на Димитрие Османли може да ја насетите Анче која игра гласно заедно со татко ѝ Прличко и како се бори да биде точна во секоја кадар. Не е воопшто лесно да бидете дете на Прличко со сите улоги, награди на многу поголеми простори од што сме сега и притоа да се изборите за сопствен идентитет во театарот.

Анче тоа го правеше ненаметливо, вредно и достоинствено. Ако пробате да изгуглате за Анче, нема да најдете речиси ништо, а тоа доволно говори за нашиот однос кон нашата суштинска уметност.

Анче живееше за аплауз, но за оној аплауз што сè уште одѕвонува во ушите додека го соблекуваш костимот од претставата. Анче сакаше карти и сакаше да пуши цигари додека не се измори и кога ќе се измореше се смееше гласно.

Не сакаше кулоарски муабети, важно ѝ беше да снима, да игра, да го научи текстот после првите три читачки проби. Тања и Игор ѝ беа сè во животот, колку само уживаше да раскажува за авантурите на Тања и како е многу добро што не е актерка ниту музичар, а велеше:„ Убава е како глумица, моја Тања".
За Игор беше особено горда и многу и беше важно само да е тој среќен. Кога одел маестро Александар да ја проси кај Прличко, овој му рекол дека ја проселе досега амбасадори, конзули, не ја давам за „музикант" .

Тоа беше голема љубов, трпелива и раскошна. Маестро ден денес вели :„Кога си отиде Анче ,и јас отидов, тука сум само онака".

Денес јас стоечки и аплаудирам на оваа извонредна актерка, една од најточните комичарки родени на овие простори, и да мразеше шмиранти ! Слава ти Анче, ти благодарам што беше дел од сите нас!

 

Објавено:
30 септември 2015
Категорија: 
Култура
Прочитано:
9.587 пати