Ова се канцелариите од вашите соништа!

16 февруари 2017

Веројатно некогаш сте имале можност да ја погледнете интернет страницата My Little Paris која важи за една од најуспешните млади компании во Париз, а на која можете да најдете буквално сѐ што ве интересира.

Проектот го започнала младата Фани во 2008 година кога на своите пријатели им испратила писмо во кое им открила тајни за Париз, им раскажала за некои нови места, производи, луѓе...

Поради добрата организираност и креативните идеи, за само една година на нејзината страница се претплатиле 800.000 луѓе заедно со огромен број огласувачи кои сакале парче простор.

Денеска, на страницата My Little Paris можете да најдете бројни совети за секоја област, препораки за најубавите места во Париз, информации за тоа што се случува во секој момент, но и супер текстови и фотографии за свадби, мода, убавина, деца и што уште не.

Нивните канцеларии денеска ќе ги најдете во романтичниот Монмартр, а во истите ќе се заљубите од прва.

На самиот почеток тие се сместиле само на еден кат, но како проектот растел, а со тоа и вработените, денеска нивните канцеларии се простираат на цели пет ката.

Секој еден дел од огромниот простор е уреден на неверојатен начин, истакнувајќи ја важноста на лежерноста кога станува збор за работата на креативците.

Покрај фантастичниот мебел и украсите набавени од тамошните локални пазари, таму ќе најдете и целосно опремена кујна каде секој може да си подготвува храна, совршено место за работа, место за одмор, но и за состаноци на кои секој ќе се чувствува пријатно.

Она што девојките основачки на брендот сакале да го постигнат е секој од нивните вработени да се чувствува убаво во таа домашна атмосфера за да на крајот може и да го даде максимумот од себе.

Да не заборавиме, за нивните мали забави после работа, тие имаат и бар каде што може да направат пауза од сѐ, но и бања доколку истата им е потребна.

Погледнете ги канцелариите на My Little Paris во кои знаеме дека ќе посакате да работите и вие!

Објавено:
16 февруари 2017
Категорија: 
Архитектура
Прочитано:
239 пати