Aртистична модна ревија и завршна изложба на учениците од СУУ „Лазар Личеноски“

11 јуни 2014

По повод одбележувањето на јубилејот, директорот на СУУ „Лазар Личеноски“,  Димитар Филиповски, истакна дека до сега дел од ова училиште биле голем број еминентни уметници. Новитет е отворањето на две нови образовни насоки, за фотографија и мултимедија, а учениците покрај редовната наставна програма, учествуваат и во голем број проекти, како што беше проектот за поставување на цветни скулптури во Скопје.

Настанот започна со модна ревија на која беа претставени осум уникатни креации на матурантите од насоката за Дизајн на текстил и облека . Она што ги поврзуваше беше доминантната бела боја, како и театралноста и драматичноста во изведбата преку тридимензионалните форми и впечатливите детали. Експериментирањето и слободата секој на свој начин да ја изрази својата инвентивност, на крај кулминираше во еден комплетен производ. Една од ученичките која се претстави со својот модел беше и Магдалена Димковска која за Fashionel изјави:

-Подготовките за ревијата започнаа во јануари, но поради различните ангажмани, периодично правевме пауза. Се на се ни беше потребна активна работа три месеци. Темата на ревијата е „Бело на бело“, со тоа што се правеа модели за висока мода, апстрактни, за да дојде имагинацијата на уметникот до израз. Работена е само во бело платно токму заради експерименталноста на истата.

Проф. Лира Грабул

Едно од најеминентните имиња, личност која остави печат на голем број генерации е професорката Лира Грабул, која и овој пат со нејзини инструкции и професионални насоки, дозволи нејзините ученици слободно да ја изразат својата креативност.

„Се одлучивме за артистична ревија со цел секој ученик слободно да си „поигра“ со имагинацијата. Многу од нив се врзаа за матурските теми. Иако јас сакала или не сум естетски полицаец знам да дадам сугестија, а тие да ја почитуваат. Новите генерации малку потешко работат висока мода. Повеќе преферираат кежуал варијанти за разлика од старите генерации кои беа спротивни. Гледам дека се практични, но мене ме интересира нивната фантазија, бидејќи ние правиме уметнички дела и форми“, вели Грабул за Fashionel.

За крај професорката на сите ученици кои го завршија средното образование им порача да го прошетаат и да го искусат светот и потоа тоа искуство да го имплементираат во својата фантазија која ќе креира исклучителна мода.

„Сметам дека кај нас не се учи мода, туку во земји каде таа постои и каде има текстилни фабрики. Во моментов текстилот е многу развиен, модата нема што ново да даде бидејќи човековото тело е тоа што е, се е пробано и поминато во XX и почетокот на XXI век“, додаде Грабул.

По завршувањето на модната ревија, сите присутни имаа можност да прошетат низ ходниците на училиштето и да уживаат во делата кои ученците ги изработиле како дел од своите секојдневни образовни активности, како уметничките слики, скулптури, графики, керамики, цртежи, мултимедијални дела, видеа и дизајни за ентериер.

 

 

Објавено:
11 јуни 2014
Категорија: 
Култура