Црта, црта, цртичка = изложба на цртежи

28 јуни 2014

Во Отвореното графичко студио вчеравечер се одржа изложба на три авторки - Емилија Мишева, Неда Дамчевска и Мелани Димитровска насловена како „Црта, црта, цртичка“. По покана на Атанас Ботев, овие три девојки се презентираа со свои дела и на тој начин пред јавноста покажаа дел од својот културен багаж.

Мишева и Дамчевска се занимаваат со графички дизајн, додека Димитровска со моден, но сепак се поврзаа преку фигуративниот дискурс и неконвенционалниот пристап во третирањето на цртежот.

Емилија Емилија Мишева се претстави со делото „Holiday poop“ 2013

-Ова е една луцидна изложба. Јас и Неда сме слични по сензибилитетот на она што го работиме, Мелани е нешто поразлично, но ако ние сме цртичките, таа би била цртата. Таа има по права линија и минимализам. Ова ми е прва изложба на цртеж, досега сум имала повеќе со принтови. Очекувам да биде посетено и очекувам коментари од гостите. Возбудена сум - вели Мишева.

Таа додава дека Скопје нуди места и има „желудник“ за презентација на ваков тип уметност, но кога е продажбата во прашање, тука сме, како вели, уште мали:

-Бидејќи јас изработувам илустрации, тие  може да се имплементираат на повеќе начини - да се принта на маички, на ткаенини, но тоа чини, а ние и немаме многу можности за тоа. Но, светот е голем, Интернетот нуди многу можности, се зависи од нас, колку ние работиме - изјави Емилија.

Својот став и она со што се претставува со нас сподели и Неда Дамчевска:

Неда Неда Дамчевска се претстави со делото „Музичар“ 2010

-Ова е нешто постаро мое творештво, датира од 2006-2010 година и претставува мое истражување на принципиелниот меѓу простор помеѓу архитекстурата, дизајнот и ликовното. Тоа може да се види и од делата. Посетителите ќе имаат можност да видат колажи, цртежи и по малку акрил, комбинирана техника. Нас трите не' обединува цртежот - вели Дамчевска.

Мелани Димитровска е препознатлива по футуристичкиот дизајн, со вметнување на геометриски елементи, а вчеравечер имавме можност да видиме интересни модни илустрации со нејзин потпис.

-Насловот го следи контекстот дека сите работиме со линии, а идејата за тоа како и изборот на авторки кои ќе се обединат е избор на Атанас Ботев. Вечерва можат да се видат дела на авторки што се занимаваат со цртеж преку графички дизајн, а јас сум застапник на модна илустрации. Овие цртежи се направени при процесот на дизајнирање, кога сум ги создавала колекциите, тематски се работени,  па никогаш не сум ни замислувала дека можат вака посебно да функционираат како цртежи, илустрации. Но, ете на оваа покана всушност ми покажа дека постои и можност и на ваков начин да се гледаат - објаснува Димитровска.

Мелани Димитровска Мелани Димитровска се претстави со делото „Superheroines“, 2013

Таа додава дека ова е нејзино прво искуство со уметничка изложба, бидејќи досега работела само на модни презентации, но смета дека идејата е одлична, бидејќи не сите дизајнери се занимаваат со модни илустрации, тие ги прават, но не да функционираат како естетска форма.

Во продолжение погледнете ја галеријата со изложените цртежи од овие три девојки:

Објавено:
28 јуни 2014
Категорија: 
Култура