Утревечер започнува 60-то издание на интернационалната музичка манифестација „Песна на Евровизија“ која оваа година се одржува во австриската престолнина, Виена.
Нашиот претставник Даниел Кајмакоски ќе настапи на првата полуфинална вечер (утре) осми по ред со песната „Лисја есенски“.
Синоќа пак, на свечено дефиле беа претставени делегациите на 40 земји учеснички кои имаа свечен прием во Градското собрание на Виена.
Сите делагации продефилираа на црвениот килим кој беше поставен на плоштадот пред Градското собрание, кој деновиве ќе се трансформира во „Евровизиско село“ и тука ќе биде главното свртилиште на сите евровизиски фанови.
Дамите пак кои го сочинуваат искусниот тим на Македонската радио телевизија, Мери Попова како шеф на делегација, Александра Јовановска како шеф на прес и Каролина Петковска, продефилираа по свечената патека облечени во креации на Мила Кадриу, додека пак миленикот на публиката Даниел и за овој настан ја продолжува соработката со неговата стилистка Ивана Рабреновиќ, која е задолжена за неговиот имиџ уште од самото негово појавување на X Factor.
„Пробите се одвиваат одлично, Даниел Кајмакоски и момците вежбаат напорно секој ден дури и надвор од пробите во арената, така што сигурна сум дека на крајот ќе имаме одличен настап на којшто сите Македонци ќе бидат горди. Даниел дава се од себе, има одлична комуникација со новинарите во прес центарот, имавме фантастична македонска вечер на којашто специјални гости беа Синтезис, ја претставивме македонската традиционална музика, храна и вино,такашто се оди по планот и во позитивна енергија! Мислиме на Македонија и се надеваме на голема поддршка од нашиот народ. Даниел настапи на liveball најголемиот хуманитарен настан на годината, помина одлично, а на свеченета церемонија на отварање на Евровизија и на ред карпетот нашата делегација беше една од највпечатливите“, изјави Александра за Fashionel и успеа да долови дел од тамошната атмосфера, ден пред официјалниот старт на Евровизија.
Им посакуваме среќа и се надеваме ќе се вратат со многу позитивни искуства.